Фото: Jutarnji.hr

Стјепан Прањковиќ, авторот на дизајнот на банкнотата од 1 евро, контактирал со Хрватската народна банка и објавил дека го повлекува својот предлог. Станува збор за монета со куна на неа, која, како што се испостави, е преземена од фотографија на шкотски фотограф без дозвола.

„Поттикнат од непријатната атмосфера создадена во медиумите и на социјалните мрежи, како и од притисоците на кои бев изложен во врска со мојот дизајн на реверсот на монетата од едно евро со мотивот куна, решив да го повлечам својот предлог дизајн за овој мотив и да се откажам од какви било права врз основа на учество на конкурс за мотив монета од едно евро. Оваа одлука ја донесов за да не ја влошам оваа ситуација или да придонесам за понатамошни можни неизвесности“, наведе Прањковиќ во писмото.

Тој истакна дека нема намера да повреди ничии чувства и дека за тоа им се извинува на сите, „особено на Хрватската народна банка, Владата и хрватската јавност“.

Како што пренесува Н1, во петокот во Хрватска беа претставени најуспешните дизајни за монети од евро и цент. Како што беше кажано тогаш, монетата од едно евро ќе има мотив куна, покрај мотивот ќе биде зборот Хрватска и годината на воведување на еврото 2023, а автор на најдобриот дизајн на таа монета е Стјепан Прањковиќ, магистер на применета уметност.

Прањковиќ за тоа доби награда од 70.000 куни, но набргу потоа медиумите објавија дека фотографијата на таа монета е речиси иста како онаа на шкотскиот фотограф Иан Х. Лич, што го отвори прашањето за повреда на интелектуалната сопственост над фотографијата. А.Н.