Оркестарот на Филхармонија ќе одржи хуманитарен концерт на 22 октомври (четврток) во 20 часот насловен „PER ASPERA AD ASTRА“. Средствата од овој концерт се наменети за лекување на Игор Пармаковски кој го години се бори со Кронова болест.

Како солист на концертот ќе настапи рускиот пијанист Дмитри Маслеев, еден од најзначајните млади солисти на светската музичка сцена во моментов, а диригент е Габриел Бебешелеа од Романија. Како солист ќе настапи и првиот трубач на оркестарот на Филхармонија -Драган Младеноски. На програмата се две исклучителни дела од рускиот композитор Дмитри Шостакович –  Концертот за пијано труба и гудачки оркестар оп.35 и Камерната симфонија во це-мол, оп.110а.

Концертот за пијано, труба и гудачки оркестар оп.35 од Дмитри Шостакович бил заврешн во 1933 година, и во него композиторот прави експеримент со употреба на необарокни инструменти. И покрај насловот концертот повеќе може да се класифицира како дупли концерт, бидејќи пијаното и трубата имаат еднаков третман и комплексност во партитурата. Години, подоцна, Шостакович изјави дека примарно планирал да создаде Концерт за труба и оркестар, а потоа го додал пијаното за да биде дупли концерт. Како што го пишувал, тој се трансформирал во пијано концерто со соло труба.

Камерната симфонија, всушност, е транскрипција и адаптација на Гудачкиот квартет бр. 8 на рускиот композитор Рудолф Баршаи, кој во ова симфониско дело за гудачи вметнал фрагменти и од други дела на Шостакович – од симфониите број 1 и број 5, еврејската тема од Пијано триото број 2, од Првиот концерт за чело и оркестар и од операта „Лејди Магбет“. Симфонијата има пет става во кои се испреплетени типичниот музички јазик, стил и естетика на Шостакович. Таа е мало музичко ремек-дело во кое е собран музичкиот универзум на овој руски композитор.

Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску –„Духови“, како и со неговата „Пасторала – фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценетидиригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година, ќе му бидедоделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ воАмстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман…

Дмитри Маслеев (1988) учи пијано на конзерваториумот „П. И. Чајковски“ во Москва во класата на проф. Микхаил Петруков, како и на Интернационалната академија за пијано на езерото Комо во Италија. Како „суперсолист“ беше најавено дебито на Дмитри Маслеев со оркестарот на Националниот оркестар на Франција во 2020 година на кој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 1 од П. И. Чајковски, дело кое му обезбеди интернационална кариера откако стана лауреат на меѓународниот натпревар „Чајковски“ во 2015 година. Овој исклучителен млад пијанист годината ја почна со деби во Златната сала на Музиверејн и на главната сцена на Берлинската филхармонија. Оттогаш, Германија и Франција се негови главни дестинации, каде што соработува со врвните оркестри. Неговото деби во Париз беше во фондацијата „Луј Витон“, а рециталот го пренесуваше ТВ Медичи на илјадници луѓе во светот.

Драган Младеноски е роден во Скопје. Основно и средно музичко училиште завршил во Скопје во класата на професор Благој Ангеловски и професор Васо Ристов. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2005 година во класата на професор Васо Ристов, а моментно е и на магистерски студии на истиот факултет.  Младеноски е активен учесник на бројни семинари, мастер класови во Ница, Софија, Белград, Нови Сад, Охрид, Скопје…

Добитник е на повеќе републички награди и признанија, трета награда на Интернационалниот натпревар во Сан Ремо, Италија. Од 2002 година работи како прв трубач во Филхармонија на РСМ. Настапувал во земјата и во странство, како и на фестивалите „Скопско лето“, „Штипско лето“, како и на фестивали во Нови Сад, Белград, Софија и др. А.Р.