Креативна, но и хуманитарна изложба, по 15-ти пат ќе се случи на 29 ноември, во 19 часот, во „Public Room“ (Јавна соба). На настанот кој ќе вклучува изложба на ликовни дела, изложба на фотографии и шминка, ќе се спојат уметностите во ерупција од убавина и креативност и со тоа ќе се заокружи работата и трудот на седумдесетина млади артисти од Центарот за обука „ЕВА“. Секој од нив има завршено некоја од програмите во „ЕВА“, фотографија, шминка или цртање и сликање.

Во истиот простор ќе може да се види и изложбата на фотографии и шминка од проектот „Квалификувај се за иднината“ финансиран од ЕУ, за кој Центар за обука „ЕВА“ беше избран да ги едуцира младите лица од ромската заедница со цел да им овозможи да стекнат вештини и да ги оквалификува за да отпочнат своја кариера и самостојно и независно да ја градат својата иднина.

Исто така, на сите учесници, ќе им бидат доделени и сертификати за завршените програми, а вечерта ќе биде збогатена и со звуците на флејтата на Билјана Камчева, професор во Школата за музика во Центар „ЕВА“. Вечерта ќе се заокружи со коктел и дружење на сите љубители на уметноста.

Сите дела ќе бидат ставени на продажба, а средствата собрани по тој пат ќе бидат донирани за акцијата #Ретвитни оброк. Добредојдени се сите оние кои сакаат убава дружба, уметност и музика, да изберат фотографија и да бидат хумани.