Јужнокорејскиот автомобилски гигант „Хјундаи“ планира да ја преземе групацијата „Фиат Крајслер Аутомобилс“ (FCA) во текот на летото, пренесоа азиските медиуми. Се очекува акциите на FCA да доживеат голем пад непосредно пред заминувањето на Серџо Маркионе од местото прв човек на FCA, што ќе ја намали вкупната цена на групацијата, пренесе Б92.

Клучното име во целиот договор е, наводно, Пол Сингер, директор на „Елиот Менаџмент“, кој поседува акции од 1 милијарда долари од „Хјундаи“. Тој неодамна го назначи директорот на FCA за Европа, Блискиот Исток и Африка Алфред Алтавили како член на Одборот на директори на Телеком Италија, компанија во која исто така има и мнозински удел.

Азиските медиуми истакнуваат дека Маркионе го привлече вниманието на „Хјундаи“ преку интересот на кинеската компанија „Грејт вол мотор“. Во претходните години, Маркионе отворено зборуваше за желбата на FCA да комуницира со друг главен производител. Во текот на 2015 година, тој се обидел да преговара со „Џенерал Моторс“, но американската компанија ја одбила понудата.