Валентина Ѓоргиевска Парго

Среќната ѕвезда го однела да живее идилично во романтично шпанско крајбрежни место. Својата Битола ја носи в срце, в срце ја носи и македонската песна. Некогаш славен пејач, со околу 15 албуми снимени со групите во кои пеел, и хитот на деценијата “Жаклина”.

*По долги години, конечно да се сретнеме преку овој современ начин, наречен Интернет, и да поразговараме. Најпрво, како сте, господин Цане?

-Добро, Ви благодарам многу.

*Наш музичар во Шпанија. Можеби единствениот, или еден од малкутемина. Како почна таа приказна ќе ни раскажете се во ова интервју, а и да се навратиме и на вашите навистина славни почетоци. Цане Николовски, големата пејачка надеж и “Елита”. 

-За прв пат дојдовме во Шпанија со мојата фамилијаа во 2003 на летување кај мојата сестра, која живееше веќе неколку години во туристичкото градче Аликанте. За да останеме во Шпанија ме привлече местото, а и имав шанса да ја продолжам мојата кариера тука.

*За која година се врзува вашиот почеток? Се сеќавам, незаборавни беа свирките во Битола, но и кои ги правевте во легендарното одморалиште “Студент” во Претор. Се сеќавате и вие јасно на тие денови, поточно ноќи до зори?

-Моите почетоци со групата “Елита” започнуваат 1989 год со првиот албум  “Напи се една за мене”, и подоцна вториот албум “Жаклина” која направи голем бум и беше избрана за Песна на деценијата, а и ден денес се уште се пее на сите прослави и настапи.

*Што ќе извлечете како ваш најголем успех тогаш? Во тие денови и години и навистина убави работи се случуваа, како на филмска лента.  

-Да, се сеќавам, тоа беа најубавите години од животот, од 1975 до 1990 година, секоја година имав свирено таму, тоа беше таканареченото скопско Феријално летовалиште “Студент”, каде и настанаа најпознатите песни изведени од Мадригали, “Да живее Македонија”, тогашна Југославија, “Македонски рок” и уште многу други. Сакам да го споменам исто така Панде Димитровски, главен раководител на летовалиштето кој не повикуваше секоја година.

*По “Мадригали” и “Гром”, со “Елита” во почетокот на 90- тите направивте пресврт кон фолк и бум со “Жаклина”. Но уште почудно, вие заминавме нешто по, односно баш во екот на најголемата слава, кога и тука убаво се живееше. 

– Тоа време беше златното време во Југославија, нема никогаш да се повтори, тоа беа многу среќни денови од нашата  младост, тоа беа првите вистински пријателства кои ден денес се негуваат.

*Па, како е да се живее и музицира во Шпанија? Овие речиси две децении таму, во неколку реченици што би содржеле?

-Со групата “Елита” бев се до 1999, заедно снимивме  10 албуми, кои беа голем хит во тоа време. По 1999 година бев член на групата “Бон Тон” и со кои снимив два албуми , “Елизабета” и “Од Баир мало до Широк сокак” . Јас заминав 2004 година кога веќе се знаеше дека ќе нема светла иднина во Македонија, не само за мене туку и за мојата фамилија. Така што мислам дека и правилно постапив.

*Свирите шпанска музика. Ја владеете до перфекција?

-Да, имам неколку шпански  песни, но претежно исполнувам евергрини, затоа што има претежно странска публика.

*Одржувате врска со македонските пејачи. Постојано сте на онлајн врска со нив, па  ви паднало ли на памет за некоја нова соработка со македонски музичари?

-Да, македонската музика секогаш ја носам во срцето и ја негувам уште како дете. Имам сооработка со многу наши пејачи и композитори, се разбира преку интернет. Моментално сум во изработка на познатите песни што ги изведив со “Мадригали” и “Елита” , анплагд верзија, со познатиот македонски музичар кој живее во Сиднеј Австралија, Питер Јови.

*Како ги поминавте деновите во изолација? Шпанија најмногу ја погоди кризната состојба.

-Навистина Шпанија беше и се уште е една од најпогодените земји во светот од пандемијата. Деновите во изолација ги минав творејќи нови песни, искрено мене не ми беше воопшто досадно, направив над 90 демо снимки, во исчекување сум да ги снимам во студио, меѓутоа со ситуацијата мометално се е стопирано.

*За сите нас е мит Шпанија, а шпанското крајбрежје пак, мета на целиот свет. Може ли да замислите да ја оставите таа шпанска убавина и да ја замените со македонската, повторно?

-Македонија е мојот дом, навистина живееам моментално во идилично место, меѓутоа  мојот град Битола секогаш го носам во срцето, и не знам, можеби некогаш ќе се вратам, никогаш не ја исклучувам таа можност.

*Што најмногу ви недостига од Македонија? Имате испеано и песна за Македонија. Ви се навраќа ли во спомените? 

Најмногу ми недостига најпрво пријателите и храната хахаха. Имам испено песна  за Македонија  која се вика “Изгорев за Македонија” која беше напишана од  вашиот татко Ѓорѓи Ѓоргиевски и музика на Кенан Таировски, тоа што го испеав така и го чувствувам.

*Кои македонски песни најчесто си ги потпевнувате таму?

-Па, најмногу си ги потпевнувам моите песни, но исто така и многу често изворните македонски песни ми се во срцето.

*Всушност, што е вашиот најголем успех во Шпанија? 

-Мојот најголем успех е отворањето на македонски ресторан заедно со мојата фамилија, кој веќе шеста година опстојува под раководство на мојата ќерка.

*Дали во семејството имате музички наследник?

-Имам 3 годишен внук кој обожува македонска музика иако зборува само на шпански, па можеби еден ден ќе се посвети на тоа, не знам.

*Што да очекуваме од вас во најскоро време? Или вас да ве очекуваме тука, за љубов на старата публика, можеби барем за едне голем концерт, колку за потсетување на славните години?

-Моментално се подготвуваат нови песни, се надевам за скоро време кога се ќе помине со Короната, ќе можам да ги изведам пред нашата верна публика.