Валентина Ѓоргиевска Парго

*Цели три децении, господин Петров, вашето име на естрадата е впишано во многу песни, на кои учествувате и како автор и како гитарист, многу често и како продуцент. Дури и текстописец во одредени песни. Како се постигнува сето тоа, да се учествува во целиот процес на создавање на песна од популарна музика?

-Процесот на создавање една песна не е лесен. Тоа најмногу го знаат оние што ги програмираат песните, односни оние кои ги прават аранжманите на песните како и продуцентите кои се присутни од почеток па до крај на снимањето на песната. Но да почнам од почеток, грубо кажано песната е составена од 1.желба, мотивација и идеја, 2. мелодија (текст), 3. текст (мелодија), 4. аранжман и програмирање – најмачното, 5. снимање и копирање живи инструменти, 6. снимање и штимање вокали и придружни вокали – може да биде помачно, 7. миксање 8. мастеринг. Многу е важно да се каже дека во сите овие фази се приоѓа се љубов, внимание, многу труд и максимално вложување на сите учесници, понекогаш и 20-30 луѓе,

*Богато е вашето портфолио најмногу со фолк песни, фестивалски, и издавани и вон фестивалска продукција. Тука се “Валандово”, “Тетовски филиграни”, “Охрид фест”, “Тумба фест”… Што за вас претставувало поголем предизвик, песна за фестивал, каде ќе може да се промовира пред поширока публика, или песна која сама ќе си го бара и најде патот до слушателите?

– Најголемиот предизвик за секој автор е фестивалска песна, каде споредувајќи ги песните и размислувањата на другите колеги (автори и изведувачи) самиот доаѓа до сознание до кој степен е стигнат во своето творештво и затоа секој се труди да го даде најдоброто од себе. Додека, вонфестивалските песни бараат најчесто снимање спот и што повеќе промовирање по медиумите и за овие песни е важно што можат да се емитуваат на поголем број радија и телевизии за разлика од фестивалските кои се емитуваат единствено на ТВ медиумот кој го пренесувал фестивалот.

*Почнавме да зборуваме за фестивалите, но неизбежно е спомнувањето на Цане Петров да буди првична асоцијација на “Биоритам”, групата си која постигнавте најголема популарност и стана составен дел од вашата музичка лична карта. Колку албуми снимивте, колку турнеи направивте?

-Моето име е секако поврзано своевремено со првиот состав на “Академци” а потоа и со основањето на” Биоритам”, и на оваа група најголемите успеси, фестивали, хитови, турнеи, и снимањето на сите досега издадени ЦД-а па дури и две касетни изданија. Бенд, во кој јас како неуморен автор и музичар можев уште многу да вложам доколку постоеше оној стар елан и позитивна енергија, но со промената на некои членови за жал таа енергија исчезна или пак јас неумеев да ја препознаам, тоа ќе го покаже времето. Но затоа сега влегов во еден исто така врвен и многу по професионален и енергичен бенд, кој и во време на пандемијава функционира турбо. Бенд со кој како автор и гитарист соработував многу години однапред и со кој како што гледам ќе го надминеме врвот. Накратко – Трајче Мајка, Гокса, Влатко, Дејан, Марко и јас едноставно “Скопски боеми”.

*Голема формација, зборуваме за оној “Биоритам” од деведесеттите. Но како што одминува годините, се менуваше и самиот состав. “Биоритам” постави шоуменски стандарди на фолк сцената. Кој беше “менаџерот” внатре во групата кој го осмислуваше целиот тој концепт? Што се случува сега со “Биоритам”?

-” Биоритам” од деведесетите ? Всушност тој беше вистинскиот “Биоритам” , оној кој остави белег, бенд кој заработи најмногу пари во историјата, бенд кој ги направи најубавите турнеи, бенд кој за 40 дена во Америка направи 21 концерт (не мислам на свирки во ресторанчиња и клекнување на колена) бенд кој вриеше од идеи и кој сакаше да снима, да твори и работи, се додека поединци не почнаа да измислуваат топла вода ха, ха. Се сеќавам дека на еден концерт во Торонто, неколку од тамошните музичари се качија на сцената и сакаа да се уверат дека стварно свириме во живо и дека свирката не е плеј бек па после концертот ни честитаа.

*Го спомнавме “Скопски боеми”, последниве години членувате во оваа група. Исто е за Вас како музичар или има своја специфичност?

-“Скопски Боеми”, бенд кој одамна се вбројува во најдобрите наши бендови, по енергичност, работа, професионализам, фестивали и награди. Бенд кој меѓудругото и придонесува за голема гледаност на досега чинам најпопуларната музичка фолк тв емисија “Мерак, Меана” (Сител), екипа која си има своја единствена енергија, начин на изразување, на однесување, и секако каде сум јас таму се најдобрите ха, ха, ха.

*А, од своите најпознати хитови што ќе издвоите? Сте работеле и со Сузана Спасовска, Кате Соната, Елена Георгиевски, Даниела Темелковска, Ферис Мустафов, дури имате и песни за “Златно славејче”.

-Ќе почнам со “Абре чичо остарен” – Академци и Мирко Митревски (Цветници 1992 – награда за најдобра песна во народен дух ), “Си заљубив раперка” – “Академци”, Мирко Митревски и Ена Веко (награда Цветници 1993) Виолета Томовска – “Не сум сама”( Цветници), Сузана Спасовска –” Расти сине” и” Личен Дејан” (Сенатор фест победник), Благоја Грујовски – “Цвето ле” (Валандово), Благоја Грујовски -” Двеста давам” (победничка на Цветници 2015), “Пустина” – Кате и група “Соната” (второнаградена Цветници 2015) “Бовчалак” – Кате и “Соната” (двоен победник Охрид фест 2019), “Охрид знае љубов што е” и “Љубовта е скапа играчка”–” Скопски Боеми” (победнички песни на Охрид фест), “Не е доцна” – Горан Кукиќ,” Љуби ме ко прв пат” – Ленче Кукиќ, за “Биоритам” и да не зборам (Тумба фест, Цветници, Охрид фест, Лешочки), “Чочек Чочек” – Ирена Спасовска и” Скопски Боеми” (наградена на Валандово), Благица Павловска -” Роденденска” и “Божиќна песна” ,” Што ми вреди” – Биоритам (победничка на Охрид фест), 4 Дами – Биоритам (Роса фест) “Ќе бидеш со мене” – Барбара Јаковлеска (првонаградена Филиграни), “Свекорот е главен” – Влатко Алексовски (награда Филиграни), Сандра Милковска –” Песна вечна Македонска” ( две награди на Гоце фест 2019), “Лино Илино” – Скопски Боеми (Роса фест), “Црна Јано” , “Еј судбо” и “Доне Доне” е сите три наградени на Пирин Фолк фестивал на македонска песна – Бугарија. И многу песни кои сега не ми текнуваат, а секако и многу песнички за “Златно Славејче” каде учествувам со задоволство и би ги издвоил – “Како Тоше”,” Волшебник”,” Каубој”,” Мачка робот” , “Дедовото оро” , “Песна за Македонија”… И, верувајте не можам да се сетам на сите како автор на повеке од 700 авторски дела, мислам дека сум еден од малкумината автори после Копров, Барбар и неколкумина други кои се бројат на рака.

*Македонска магична гитара” е наслов на вашиот, засега, последен соло музички проект, во кој на акустична гитара изведувате македонски народни песни. Ќе има ли продолжение?

-“Македонска магична гитара” – е мојот претпоследен музички проект изработен по нарачка од издавачката куќа Мистер Компани Гостивар, која исто така е издавач и на моите три проекти “Македонска етно музика” 1, 2 и 3, поддржани од Министерството за Култура како проекти од национален интерес за што сум им посебно благодарен, бидејќи знаат да оценат вистински проекти и да ги потпомогнат колку што можат. Секако овој проект не е последниот збор што сум го кажал, после него исто така го изработив еден многу вреден проект, ” Етно ризница” ЦД 1 кој требаше да биде трилогија но од финансиски причини (се уште неисплатен) останатите две ЦД-а не се доработија. Проект во кој извадивме од вечен заборав дваесетина песни не слушнати до сега. Песни кои се пренесувани од колено на колено и кои во овој проект ја добија својата вечност. Се надевам дека “Етно ризница” ќе собере ќ сили и ќе најде начин да ги довршиме и следните два проекти за кои имаме собрани повеке од 150 песни како што реков, не снимени и пренесувани од колено на колено. И секако дека ќе има ново продолжение на проектот – “Македонска магична гитара 2” на кое веќе работам и на кое ќе бидат исполнети желбите на нарачателите на одредени македонски стари и веќе заборавени песни.

* Осум години сте и ангажиран како уметнички директор на фолк вечерта на”Охрид фест”, па, колку песни се продуцира под ваше водство?

-Осум фестивалски изданија на “Охрид фест” веќе поминаа, изданија на кои што јас бев уметнички директор, изданија на кои некои години имаше и поединечни директори на, Фолк, Поп , и Интернационалната вечер, но сепак јас како искусен фестивалџија бев вклучен во сите нив. Тука ќе го вбројам и детскиот фестивал ” Чунга Лунга” кој се одржуваше во рамките на “Охрид фест” до пред неколку години, па кога ќе земете во обзир дека сме имале по четири вечери секоја година може да се претпостави колку песни поминале низ нашата продукција.

*На фестивалот кој некогаш имаше трубадурски карактер вие со “Биоритам” имате дебитирано токму со трубадурска песна, со преубава ” Ех да свири сега Садило” , за познатиот староградски изведувач. Во оваа прилика ќе ве прашам само зошто концептот веќе не е автентично трубадурски , а за организационо ќе зборуваме тет а тет и поопширно во друга прилика.

-” Ех да свири Садило или Садило” како што популарно ја нарекуваме песната, е прва песна со која “Биоритам” настапи чинам на Охрид фест 1996 и на изненадување на сите ја однесе победата на “Охрид фест” . Морам да споменам дека тогаш во конкуренција беа најпознатите имиња од македонската фолк естрада, но повеќето од нив беа наши идоли, што допринесе нашата радост да биде уште поголема. Морам да кажам и тоа дека бевме и искритикувани од некои новинари за кои песната не беше баш трубадурска, и кои се уште не можеа да прифатат таков ритам на одредени места во песната, но стана јасно дека баш тогаш почна да се случува “Биоритам” , бенд кој донесе свежина на македонската сцена, бенд кој тогаш стана пример за сите останати бендови, бенд многу поразличен од сегашниот, бенд кој многу други бендови почнаа да го копираат но само еден беше оригиналот.
“Садило” , – за мене тоа беше модерна трубадурска песна, песна во која провејуваа звуците на виолината, песна со рубато делови но и со весел ритам која зборуваше за една охридска легенда, и морам да ви кажам дека од тогаш па до сега многу малку такви песни се направија. И секако тука морам да спомнам една случка, еден прекрасен момент, откако ја испеавме песната са Садило зад сцената дојде една бабичка која ни се приближи, рече дека сака да ни честита на преубавата песна и дека таа е внука на Садило.Сега да се вратам на мислата, доколку внимателно го слушате секое фестивалско издание ќе се уверите дека во секое имаме доволно трубадурски песни, што не значи дека нетреба да се даде мала шанса на новите солисти и бендови, исто онака како кога ние добивме шанса.

*Бидејќи “Охрид фест” како летен фестивал и во неговиот роден град е основан од легендарниот поп автор Григор Копров, дали вие како директор кој најдолго сте на тоа место, сметате она што и јас, дека фестивалот заслужува секоја година да има негов личен потпис, односно посебна вечер со хитовите на Копров, и старите кои се неколку стотици и новите кои сега ги создава. Неговото творештво да биде сврзано и презентирано на едно место.

-Кога ќе се спомене “Охрид фест- Охридски Трубадури” веднаш првата помисла е на името Григор Копров, и веднаш ќе ви признам – чест ми е што еве веќе деветта година соработувам со него како уметнички директор на ” Охрид фест” и како што тој се почесто вели – секоја година се надминуваме со убави и квалитетни песни, впрочем во тоа и е убавината на постоењето на “Охрид фест”. Но ќе кажам и една многу важна работа за него, и покрај големиот број на хитови тој сепак е скромен и не сака да се експонира баш на овој фестивал и покрај моите предлози да има една посебна вечер со негови песни, се надевам во иднина ќе успеам во тоа на задоволство на сите обожаватели а секако и изведувачи кои ги пеат тие песни. А секако дека се тоа наши најпознати и најслушани естрадни ѕвезди, од кои најголемиот број баш со неговите песни станале она што се денес.