Да се пофали на чисто срце дека има добиено толку многу поезија за својата работа и мисија, може само Живко А. Поповски Цветин, на средбите со поетите на Струшките вечери на поезијата. Просто е неверојатно и со подтворени очи се слуша кога раскажува за сè она што го носи како спомен во својата приказна, неповторливо е и уникатно.

*Доделување на наградите на Струшките вечери на поезијата, вечерва, е момент кој нè потсетува и на Вашето големо значење и Вашата улога на оваа значајна културна манифестација. Како голем мировник и наш повторен нобеловски кандидат, со Вас господине Цветин, би сакала прво да ставиме акцент на Вашата порака што му порачувате на лауреатот оваа година? Тоа е господинот Шунтаро Таникава од Јапонија, има 91 година, што е еден голем куриозитет, а во негово име наградата ќе ја прими неговиот син. Навистина сме среќни што оваа светска манифестација има еден ваков светски поетот во својата програма, со суптилен и софистициран поетскии израз.

-Јас од 1986 година па сè до 2020 година бев присутен отприлика на сите изданија на Струшките вечери, се дружев со поетите, секогаш имав прилика да се среќавам со добитниците на Златен венец, единствено не се сретнав со еден руски поет добитник на Златен венец кој беше во Америка и не допатува во Струга. Инаку мојата мисија и дружба со поетите потекнува како иницијатива од Блаже Конески, односно како инспирација што тој на 24 мај 1986 година, на Денот на светите Кирил и Методиј, година ми потпиша една негова песна со посвета со негов ракопис, по повод што јас му подарив нему 65 рози за неговиот 65 роденден и тоа беше фактички една размена- на мојата роденденска слика, тој реплицираше со неговата песна “Ружа” . Тоа беше возвраќање за тоа што јас со тој подарок го изненадив. Секогаш моите пораки кон поетите од Струга се исти: “Заедно со поезијата да се бориме за мир, поезијата и цвеќето во борба за мир!”. Тоа се две уметности од културата, а ниту од поезијата се живее ниту пак од сликарството, но без нив па не може да се живее….

*Мисијата е благодарна и е непосредно сврзана со мирот.

-Мисијата е поврзана со мирот со хуманоста, со солидарноста, секогаш од поезијата добиваме нешто што нè поучува, нè насочува, а од уметноста гледајќи ги сликите се чувствуваме попријатно.

*Оваа порака упатено генерално до сите лауреати е покренувачка, а, оваа година пак ќе нагласам, имаме специфичен лауреат со сета наша длабока почит кон неговите години, тој сè уште твори и го дава на човештвото најдоброто од себе. Човек е за восхит!

-Јас сè уште не ја имам прочитано книгата од годинешниот лауреат, меѓутоа верувам дека навистина е поет кој заслужува таква награда, посебно што е во поодминати години и веројатно оваа награда што му се доделува од Македонија навистина ќе му значи многу. Јас имав прилика во 1997 година да подарам една слика на Макото Оока од Јапонија, исто така добитник на Златниот венец, и тој со големо внимание ја гледаше мојата слика и само ми напиша порака со негова посвета, на јапонски јазик: “На Живко Поповски- една птица го покрива Космосот”. Тоа е една голема мудрост. Ние велиме дека “Една птица не прави пролет”, меѓутоа тој рече “Една птица го покрива Космосот”, кога јас му раскажував дека моите слики се наоѓаат кај голем број поети од целиот свет и сега тој го сфати тоа дека ете Живко го покрил и Космосот, не само светот.

*Многу инспиративно, мене в час ме подигна изјавата и споредбата со птицата и Космосот. За жал оваа година Вие нема да можете ниту да слушнете порака лично од лауреатот, а ниту да му упатите,  бидејќи таква е ситуацијата, но направивте специјален настан каде што ги изложивте сите вам посветени песни, во цветна рамка, што секако одговара на Вашата дејност и мисија. Но, зошто не сте во Струга, сите ја  очекуваат можеби таму таа изложба?

-Годинава поради состојбите и тоа што и временските услови не беа со поволна прогноза, решив да не одам. Иако поетесата Цвета Спасикова од Штип има една книга “Цветниот аманет” и таа социјално ме покани за да ја промовира таа книга на струшките кепенци во Дрим. Годинава решив да бидам во Скопје, и сепак на свој начин ќе бидам присутен, според она што го имам досега како минат труд, минати спомени од Струга во изминативе над 30 години.

*Се надевам дека догодина ќе ве видиме каде што припаѓате и каде што сте оставиле златен белег, на Струшките вечери на поезијата, оваа година се одушевуваме на Вашата изложба во Капиштец.

-Јас во 1991 година имам објавено една книга со факсимили од Струшките вечери на поезијата, во која се застапени првата песна што ја добив од Блаже Конески, потоа визата од Славко Јаневски кој вели дека “човек што ѝм подарил 1000 ружи на луѓето, поетите со право ми возвраќаат ракопис”. Значи, тоа ми е мене поддршка и виза за да можам јас да ги разменувам моите цвеќиња на мирот со ракописите на поетите што ми пишуваат поезија. Во таа книга покрај Блаже Конески,  се наоѓа песни од Десанка Максимовиќ, од Булат Окуџава, од Дагларџа, од Миодраг Лавловиќ, Тадеуш Ружевиќ, Хусто Хорхе Падрон, Петре М. Андреевски кој е повеќекратен добирник на наградата “Браќа Миладиновци, како и Анте Поповски, Гане Тодоровски, Оскар Давичо, потоа и нашите поети Јован Котески, Јован Павловски,  и тие се добитници на “Браќа Миладиновци”, но и Светлана Христова- Јоциќ, Петар Башевски, Димитар Башевски, Иван Чапоски, Тодор Чаловски,  Душица Илин, Тибор Сегељ, кој е познат патеписец од Војводина, и уште полно автори, како и Јанг По од Кина, Раде Силјан, Паскал Гилевски кој беше повеќе години директор на Струшките вечери на поезијата, Јован Стрезовски, и таканатаму, така што  имам  некаде околу 70 поети со нивните факсимили, со препев на македонски. Имам и од Либан, од Кувајт од Јордан, Египет имам на арапско писмо, имам од еден бугарски поет Красимир …

*Тоа е навистина една неверојатна листа тргнувајќи од тоа дека Ве вовлекло во ова единствениот наш литератирен гуру, идолот и лидер на македонизмот, господинот Блаже Конески, а амин ви дал Славко Јаневски, човекот кој го напиша првиот роман на македонски јазик “Село зад седумте јасени” Вие продолжувате една силна историска трага. Отворате еден цветен пат по кој чекореле светски поетски великани, нешто што никаде на друго место на светот го нема, ниеден уметник не може да се пофали со ваков куриозитет.  Се чувствувате ли како мисионер и која е Вашата мисија?

– Се чувствувам затоа што добивав навистина необични ракописи, некои дури и тогаш напишано, како Од Генаги Ајги, Ален Гинзберг и потоа од еден француски добитник Ежен Гилвик, сите тие на некој начин кога им ги подарував сликите, чувствував дека тоа што јас го правам преку сликите тие тоа го прават преку нивните песни, и дека имаме еден заеднички ангажман, заедничка мисија – се бориме на свој начин за мир,  и поубав живот на луѓето. И  таа ми е поентата – зошто цвеќето е симбол на чистотата, на убавината… Јас и на државниците им праќам цртежи зашто тие се задолжени за мирот и за поубав живот на луѓето, каде што се ангажирани како политичари. Да се шри ипозитивна енергија.  Со еден збор Струшките вечери имаат силно влијание и е доста почитувана и афирмиран светска манифестација на поезијата и секоја би

сакал од поетите да го добие тој Златен венец, или наградата “Браќа Миладиновци” . Од кај нас ја добиле двајца Блаже Конески во 1981  и Матеја Матевски во 2011 година.

*А според некои непишани правила, како трет Македонец  треба да го понесете и Вие Златниот венец , без оглед што немате поезија но сте поттикнале многу поезија.

-Јас не би му одземал местото никому за Златниот венец, затоа што тоа е навистина творештво различно од моето, но јас ќе ја продолжам да барам од сите наредни изданија на сите поети што ја добиваат таа награта и тие што ја добиваат “Браќа Миладиновци”, заеднички да се бориме за мир, а тоа за мене повеќе од Златен венец. Се сеќавам на Генади Ајди кој ја доби Златен венец во 1993 година, имав прилика во 1989 година да се сретнам со него, по иницијатива на академиците Анте Поповски и Гане Тодоровски. Тие ми рекоа дека Генади Ајди е еден голем руски поет кој бил 30 години во затвор и ми рекоа “нему да му дадеш една убава слика Цвеќе на мирот, ние ќе ти организираме средба” и навистина таа средба во хотел Дрим во фоајето го повикаа тие него, тој дојде му ја постави таа слика што ја имав подготвено специјално пред тоа со една моја порака што му ја напишав по тој повод и навистина по еден и пол час тој ми напиша песна. Песна со посвета. Таа песна вели “Денот заблагодарува (на Живко А. Поповски), о слава на постоењето на Светот, кога од небичас падна на Полето на Русија Роза бесконечно-охридска, со алено раширено поле на поезијата, додека македонското небо изгледаше на Христос-Душоспасител”. Духовна песна и јас велам Русија со оваа песна нè призна како држава.

*Не би Ве прашала кој е најомилен стих штќо Ви го подариле, сите стихови имаат иста тежина, можеби малку и Вие би ми го одбегнале одговорот, но би сакала да знам дали на годишниот добитник по традиција бидејќи не можете да ми подарите Ваш цртеж, ќе му испратите во Јапонија на домашна адреса?

-Веројатно ќе го направам тоа. Очекувам да се објави некоја негова песна, па да ја ставам во цветна  рамка и да ја изложам во иднина, на доколку неговиот син дојде во Скопје може таа слика да му ја врачам нему и да му ја однесе на великиот поет во Јапонија. Ако не,по пошта или на интернет. Имам подарено 3000 цветни цртежи на СВП, а имам добиено неколку стотина песни од поети, но на оваа моја изложба сега изложив 33 слики, кои од двете страни се со цвеќиња, а од едната и со факсимили. Тие слики ќе нè потсетуваат дека наназад 33 години бев учесник преку дружење со поетите, а 33  и поради  исусхристос и божјата порака што некој ми ја испратил.

Валентина Ѓоргиевска Парго