Владата на Црна Гора го поддржа Предлог-законот за измени на Законот за данокот на додадена вредност, поднесен до Собранието од пратениците социјалдемократи, со кој се предвидува продажбата на лебот да се оданочува со стапка од нула проценти, а увозот да биде ослободен од ДДВ до крајот на годината.

Во објаснувањето за причината за привременото укинување на ДДВ за лебот и увозот се наведува дека руската агресија врз Украина имала многу негативно влијание врз економските движења во Европа, нестабилноста на пазарот и растот на цените, особено на основните прехранбени производи, пренесува порталот ЦДМ.

„Последиците од ваквите негативни економски тенденции се многу присутни во Црна Гора, како мала, отворена и високо увозно зависна економија, што резултираше со драстично зголемување на цените на одредени прехранбени производи, кои во некои случаи се искачија и до 75 проценти, додека сличен тренд се очекува и во наредниот период“, се вели во образложението.

Се додава дека, според најавите од пекарската индустрија, неодамнешното намалување на стапката на ДДВ за брашното, маслото и солта нема да влијае на намалувањето на цената на лебот, бидејќи трошоците за пекарите во суштина останале исти бидејќи тие не ќе плаќаат ДДВ за брашното, но нема да имаат ниту право на поврат на ДДВ, а трговците ќе ги имаат истите трошоци како досега.

„Затоа единствен одржлив начин за намалување на цената на лебот е да се намали стапката на ДДВ за лебот од 7,0 на нула проценти“, велат пратениците од СД, чиј предлог е поддржан од Владата.