Со положување венци свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ за чествувањето на празниците – Ден на победата над фашизмот и Денот на Европа, како два историски настани кои се вградени во битието на Република Северна Македонија и кои граѓаните на нашата земја, заедно со народите на нашите сојузнички и партнерски држави во НАТО и ЕУ ги славиме како заеднички вредности започна пригодната свеченост по повод 9 Мај – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, што се одржа во дворот на Владата.

-Денеска одбележуваме и славиме голем ден – 9 Мај, како Ден на победата над фашизмот и како Ден на Европа. 9 Мај е еден датум за два големи настани во историјата на Европа и на нашата земја. Денешниот ден е запишан со златни букви во историјата на напредна Европа и на Европејците. Ова е ден кога ги чествуваме и се поклонуваме пред големото дело на припадниците на партизанските единици од Народно ослободителната војна кои со двете заседанија на АСНОМ ја заокружија вековната борба и стремеж на македонскиот народ за своја самостојна држава. Дело кое денес го славиме како наша заедничка победа со сојузничките сили над фашизмот и со прогресивните народи на Европа и на Соединетите Американски држави. Втората светска војна на територијата на Македонија заврши со околу 25.000 загинати борци и други жртви. Нашите сограѓани од тоа време, припадници на сите етнички заедници, ги дадоа своите животи затоа што избраа да застанат на страната на сојузничките, антифашистички сили, кои решија да се обединат и да им застанат на патот на фашистичките окупатори  – посочи претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во своето обраќање на свеченоста по повод 9 Мај.

Како што додаде Ковачевски, „од денешен аспект, од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се оствари и низ учеството на партизанските единици на страната на антифашистичкиот сојуз. Тоа учество беше и останува вистинската страна на историјата и единствениот и вистински избор. Изборот на македонскиот народ, заедно со сите други народи беше македонската држава да биде создадена како дом на слободата. Дом на слободата за сите нејзини граѓани без исклучок. Држава на сите и за сите. Дом каков што е денеска Европската Унија, како што е напредна и прогресивна Европа. Затоа денеска имаме силни, големи причини да славиме и да бидеме дел од прославите ширум Европа. Да ја славиме победата над фашизмот и да ја славиме големата идеја за Европа“.

-9 Мај е ден кога чествуваме и еден друг историски настан вграден во темелите на повоената историја на Европа. Денеска одбележуваме 72 години од денот кога на 9-ти мај 1950 година, после двете катастрофални светски војни што ја фрлија Европа на колена и фашизмот кој го згрози човештвото, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, повика да започне изградбата на нова Европа – додаде премиерот Ковачевски.

На свеченоста пред Владата свои обраќања имаа и претседателот на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна на Македонија д-р Никола Стојановски, амбасадорката на Соединетите Американски Држави  Кејт Мери Брнз и амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир.

Претседателот Стево Пендаровски по повод Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа ја упати следната порака: „Денес гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста е загрозена во моментот кога поверувавме дека е целосно извојувана. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности. Денот на победата над фашизмот е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, ден кога со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата. Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа. Победата над фашизмот е и победа за Европа.“

Претходно, делегација на Владата предводена од премиерот Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана Славјанка Петровска, од министерот за локална самоуправа Горан Милевски и од заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија венец свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Венци со свежо цвеќе на споменикот „Ослободите на Скопје“ положија и делегации на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, Делегација на Претседателот на Република Северна Македонија, Делегација на Собранието на Северна Македонија, на Армијата на Северна Македонија, на дипломатски кор, како и на политички партии и други општествени граѓански организации.