Американските медиуми АП, Ен-Би-Си и Си-Ен-Ен го прогласија Џо Бајден за победник на американските претседателски избори одржани на 3 ноември. Џо Бајден ја освои Пенсилванија, сојузна држава што носи 20 изборни гласови. Според сегашната состојба, тој има 284 изборни гласови, што е доволно за да победи.

Бајден на Твитер напиша дека ќе биде претседател на сите Американци, откако водечките американски медиуми го прогласија за победник на изборите на 3 ноември.

Пристигнуваат и првите реакции и честитки за победата на Бајден.

Лидерите на европските институции во саботата му честитаа на Џо Бајден за победата на претседателските избори во САД и изразија желба за обновување на трансатлантското партнерство.

„Европската унија и САД се пријатели и сојузници, нашите граѓани ги имаат најдлабоките врски. Заедно изградивме невидено трансатлантско партнерство засновано врз заедничка историја и споделени вредности на демократија, слобода, човекови права, социјална правда и отворена економија. Тоа партнерство го поддржуваше межународниот поредок заснован врз либерални правила и останува столб на стабилност, безбедност и просперитет на обете страни на Атлантикот“, се вели во честитката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Честитки и од републиканците

Некои од републиканците во САД беа меѓу првите кои му ја честитаа на демократот Џо Бајден во саботата на изборната победа на претседателските избори во САД, сигнализирајќи традиционално пост-изборно меѓупартиско единство и изразувајќи надеж за враќање на единството на земјата.

Џеб Буш, потомок на славното републиканско политичко претседателско семејство и поранешен претседателски кандидат, беше меѓу првите што испрати честитка до Бајден од редовите на републиканците.

“Честитки за новоизбраниот претседател Бајден. Јас се молев за нашиот претседател поголемиот дел од мојот возрасен живот. Ќе се молам и за вас и за вашиот успех. Сега е време да се залечат длабоките рани. Многумина сметаат на тоа да водите по тој пат”, напиша Буш на Твитер.

И сенаторот Мит Ромни, кандидат за претседател на Републиканската партија во 2012 година, му ја честиташе победата на Џо Бајден на изборите.

Поранешниот американски претседател Барак Обама во саботата рече дека „не може да биде погорд“ што може да им ги честита победата на Џо Бајден и Камала Харис, идниот претседател и потпретседател на САД и посочи дека се соочуваат со „извонредни предизвици“.

„Американците излегоа во невиден број“, рече Обама, носејќи им на Бајден и Харис „историска и одлучувачка победа“.

Сепак, тој истакна дека Бајден се соочува со „извонредни предизвици – растечка пандемија, нееднаков економски и судски систем, демократија во криза и клима во опасност“.

„Резултатите од изборите на секое ниво покажуваат дека земјата е длабоко и тешко поделена“, додаде Обама.

Се огласи и Камала Харис, избраната потпретседателка на САД.

Камала Харис, која влегува во Белата куќа како потпретседателка на избраниот претседател, демократот Џо Бајден, во својата прва реакција од објавувањето на изборната победа рече дека е подготвена да „започне да работи“ на работата што ги чека.

“Изборите се многу повеќе од тоа дали се работи за Џо Бајден или за мене. Станува збор за душата на Америка и нашата подготвеност да се бориме за тоа. Ни претстои многу работа. Да започнеме”, напиша Харис на Твитер.

Хилари Клинтон исто така се огласи за победата на Џо Бајден.

„Гласачите проговорија и ги избраа Џо Бајден и Камала Харис за наши претседател и потпретседател“, напиша Клинтон, додавајќи дека ова е „нова страница за Америка“.

Канадскиот премиер Џастин Трудо му ја честиташе победата на демократот Џо Бајден на изборите, помалку од еден час откако беше прогласена од водечките американски медиуми.

Во својата порака како прв странски државник што му честиташе на Бајден, Трудо напиша дека со нетрпение очекува да се справи со „најголемите предизвици во светот“, заедно со новата американска администрација. Во изјавата, Трудо рече дека ќе работи со САД на „мирот и вклученоста, економскиот просперитет и климатските акции низ целиот свет“.

Трудо не го спомена сегашниот претседател Доналд Трамп, со кого често имаше проблематични односи.

Демократската претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, исто така, му ја честиташе победата на Бајден.

Честитаа и европските лидери

На Бајден исто така му честитаа францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон.

Францускиот претседател го повика победничкото дуо да соработуваат во голем број предизвици со кои треба да се соочат.

“Американците го избраа својот претседател. Честитки за @JoeBiden и @KamalaHarris! Ни претстои многу работа за надминување на денешните предизвици. Ајде да го сториме тоа заедно!”, напиша Макрон на Твитер.

Германската канцеларка Ангела Меркел во честитката го истакна трансатлантското пријателство.

“Очекувам идна соработка со претседателот Бајден. Нашето трансатлантско пријателство е незаменливо ако сакаме да успееме да ги решиме најголемите предизвици на нашето време”, рече Меркел.

Првата женска лидерка во Германија, Меркел истакна дека Харис ќе биде прва избрана потпретседателка на САД.

Во честитката, британскиот премиер Борис Џонсон го истакна сојузништвото меѓу САД и Велика Британија.

„САД се нашиот најважен сојузник и сакам да работиме тесно заедно на заедничките приоритети што е можно поскоро, од климатските промени до трговијата и одбраната“, „твитна“ Борис Џонсон, додавајќи дека со нетрпение очекува да работи на заеднички приоритети.

Честитки од НАТО, арапски лидери

Честитки испратија и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани, либанскиот претседател Мишел Аун и египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, напиша дека тој „добро го познава Џо Бајден“ кој е „строг поддржувач на наниот Сојуз. Едвај чекам да соработувам тесно со него. Цврсто НАТО е добро за Северна Америка и за Европа“, напиша Столтенберг.

Претседателот Доналд Трамп остро го критикуваше воено-политичкиот сојуз како застарена организација. А.Р.