Обвинителството во Минеаполис поднесе нови обвиненија против четворица полицајци, кои се обвинети за смртта на Џорџ Флојд. Дополнителни обвиненија против еден полицаец, кој веќе е во притвор, и апсење на тројца други се случија по протестите што ескалираа во последните ноќи во цела Америка.

Дерек Шовин (44) беше приведен во петокот под обвинение за убиство од трет степен, но неговото обвинение сега е сменето за убиство од втор степен, што значи многу поголема казна ако биде осуден. Казната може да биде 40 години затвор, што е 15 години подолго од максималната затворска казна за убиство од трет степен.

Шовин е полицаецот кој се гледа на снимката, кој скоро девет минути го стега вратот на Флојд со коленото, додека Флојд се обидува да дојде до воздух и го предупредува „Те молам, не можам да дишам!“

Другите тројца полицајци, кои беа отпуштени од полицијата заедно со Шовин, се обвинети во средата за учество во убиство од втор степен и за убиство. Учеството во убиство од втор степен носи исто така максимална казна затвор од 40 години.

Покрај Шовин, во притвор се уште тројцата други – Томас Лејн, Ј Александар Куенг и Тоу Тао.

Главниот обвинител на Минесота Кит Елисон побара кауција од милион долари за секој од нив да се брани од слобода. Истрагата се очекува да трае со месеци. А.Р.