четврток, април 25, 2024
домаЖивотЗдравјеЧетврти случај со коронавирус, директорка на Клиниката за кожни болести која била...

Четврти случај со коронавирус, директорка на Клиниката за кожни болести која била во Италија  

Денеска беше потврден четвртиот случај на лице заболено од коронавирусот во земјава, а се работи за директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска која пред една недела допатувала од Италија и последниве пет дена редовно одела на работа.

Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, директорката Билјановска доцна синоќа била дијагностицирана на Клиниката за инфективни болести каде и е хоспитализирана и дека утре поминува 14-тиот ден од инкубацијата. Тој додаде дека е добро е што таа не била изминатите денови во амбуланта.

Тој изрази огромно разочарување поради тоа што не се почитуваат препораките за автоизолација во период од 14 дена по пристигнување од ризични региони.

Министерот на прес-конференцијата во Владатаа потенцираше дека целата екипа од Институтот за јавно здравје прави анализи на сите кои контактирале со неа како на вработените и пациентите на Клиниката за кожни болести.

Министерот посочи дека е можно согласно проценката и одлуката на епидемиолозите денеска одделот целосно да биде затворен, и целокупниот медицински персонал согласно фреквенцијата и должината на контактот кој го имале да бидат испратени на домашна самоизолација, како и пациентите кои се хоспитализирани, а сите прегледи во периодот кој следи ќе бидат насочени кон другите јавно здравствени институции каде има вакви специјалисти.

Филипче истакна дека не можат да ги затворат границите, но дека секој кој доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, сепак е во тој најризичен стадиум на болеста, на инкубација кога нема симптоми, а веќе имало контакт со заболен, па мора да остане во автоизолазија 14 дена со цел да се заштити сопственото здравје, здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани.

Во врска со мерките кои се воведени во Италија, каде од вчера е прогласена црвена зона во 14 провинции на Ломбардија тој посочи дека се во интензивна комуникација со министерот за надворешни работи, со нашиот конзул во Северна Италија и оти тие мерки важат за сите луѓе кои се затекнати без оглед дали се жители и државјани на други земји, што значи ним им е забрането патувањето.

Инаку Светската здравствена организација истакна алатки за здравствените работници за превенција и контролана заразата. А.Р.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ