Денес, во Поточари со комеморација на жртвите се одбележа 25-годишнината од масакрот на муслиманите на подрачјето на Сребреница за време на последната војна во БиХ.

Програмата започна со емитување на видео пораки испратени по повод годишнината и обраќање до официјалните лица во комеморативната сала. После тоа, им беше оддадена почит на жртвите, а делегациите положија цвеќе во Меморијалниот центар.

Поради епидемијата на корона вирусот, годинава немаше странски државјани, но, и покрај предупредувањата и повиците на Организацискиот комитет да не доаѓаат денес во Поточари, затоа што тоа може да се направи во други денови, се собраа илјадници граѓани.

Официјалните лица се придржуваа кон оддалеченоста и епидемиолошките мерки, но не и оние кои беа во толпата, без оглед на препораките за бројот на присутни на собири, пренесува „Срна“.

Меѓу присутните има и странски државјани од исламски земји, како што беше случај во претходните години. Тие пристигнале таму во приватен аранжман.

Бројни сегашни и поранешни шефови на држави и влади и меѓународни организации во БиХ се обратија со видео пораките.

Претседателката на Здружението на Движење на мајките на енклавите Сребреница и Шепа, Мунира Субашиќ, рече дека „мајките никогаш нема да се откажат од прогонот на криминалците“ и додаде дека тоа е нивно „право и обврска“.

Субашиќ исто така и даде на пораката актуелен тон, јавува Танјуг, па го означи како „најодговорен“  српскиот претседател Александар Вучиќ, бидејќи како што изјави, им дава прибежиште на криминалците во Србија.

Инаку, на овој ден во 2015 година, претседателот Вушиќ беше во Поточари за да им оддаде почит на жртвите од последната војна, кога беше нападнат со камења, но напаѓачите не беа идентификувани, пренесува „Мондо“.

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, кој своевремено беше во Сребреница, рече дека 11 јули е „вознемирувачки потсетник за сите за страшната цена што ја плативме за она што се случи во минатото“.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека САД„играле клучна улога во запирање на војната во Босна и Херцеговина“ и дека последните 25 години работеле посветено за да се заштити сеќавањето на жртвите од геноцидот, да се доведат криминалците пред лицето на правдата и борбата за вистината.“

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „Сребреница останува болен симбол на неуспехот на меѓународната заедница да обезбеди заштита на цивилите кога им била најпотребна“.

Турскиот претседател Ердоган оцени дека „Сребреница е една од најсрамните и најболните страници во историјата“.

Бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Сефик Џаферовиќ, рече дека „ниту Србија, ниту Европската унија не го спречиле геноцидот, иако можеле“, и дека денес, наместо катарза и извинување, како што рече тој, „се прави истиот планиран и систематски обид да се одрече геноцидот“.

Во својата порака, лидерот на Бошњачката СДА, Бакир Изетбеговиќ, рече дека „меѓународната заедница не ја бранеше Сребреница пред 25 години, но дека денес има можност да ја брани сомнителната вистина“, и рече дека се приклучил на апелот за Високиот претставник да ги искористи овластувањата на Бон и да наметне закон за забрана на негирање на геноцид.

Папата Фрањо изјави дека „за жал, омразата што придонесе за ова крвопролевање сè уште е премногу често присутна во различни делови на светот и изрази надеж дека таа ќе биде заменета со делата на оние кои настојуваат да градат подобра иднина, свет на мир зај генерациите кои доаѓаат преку дијалог на разбирање и почитување на другите “.

По повод денешната комеморација во Поточари, зборуваше и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, оценувајќи дека, како што рече, „се случи геноцид“, дека „не треба да се оспорува“ и дека „важно е да се знае кој го извршил“.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој беше поканет од страна на бошњачките водачи оваа година да дојде во Поточари, но беше спречен да го стори тоа поради епидемијата на корона вирусот, рече дека „ова ужасно злосторство против Бошњаците сè уште ги поставува истите прашања. Зошто? ” и истакна дека е „горд што Црна Гора е првата земја во регионот што ја донесе Декларацијата за прифаќање на резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница пред 11 години“.

Високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, кој беше под притисок на Бошњаците да донесе закон со кој се забранува негирање на геноцид, во согласност со овластувањата во Бон, рече дека „вирусот не може да го спречи собирањето на благородни срца денес да се сеќаваат и да се молат за жртвите“.

По положување цвеќе, започна верската церемонија, а попладне е планирано погребување на посмртни останки од девет идентификувани лица, со што ќе ја заврши денешната програма. А.Н.