Четиримесечно бебе од Кочани е најмалиот пациент што се лекува од КОВИД-19 на Инфективната клиника, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Бебето од Кочани е хоспитализирано со неговата мајка и е во  стабилна состојба, дише нормално без кислородна поддршка, соопшти тој.

Направени се 341 тестирање и регистрирани се 46 нови пациенти, на Клиниката за инфективни болести се примени пет нови случаи со што вкупната бројка на хоспитализирани изнесува 68, од кои седум се во критична состојба и се вклучени на респиратор . Во болицата „8 Септември“ се хоспитализирани 25 пациенти, од кои пет се во тешка состојба и се приклучени на вештачка вентилација, додаде тој.

Притвореник во затворот Шутка починал вчера од срцев удар, тој бил без симптоми, но посмртно  после обдукција е утврдено дека е позитивен на вирусот, се прават анкети со сите кои контактирале со него.

Во домот за стари лица во Битола штитеник на 86-годишна возраст кој примен на 18 март , по земениот брис за КОВИД-19 на 5 март бил позитивен на вирусот, посочи министерот Филипче, додавајќи дека првите симптоми се појавиле на 4 април, па со зголемена температура бил префлрен на  лекување во битолската болница. Земени се брисови од пацентите во околните соби на спратот каде што било сместено ова лице, а персоналот кој бил во контакт со него е испратено на домашна изолација. По систем на ротација донесени се други вработени. Дадени се и препораки за темелно чистење и засилена хигиена во објектот, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја испита целата ситуација, соопшти Филипче.

Филипче изјави дека преземените мерки кои се најстроги во однос на движењето, ќе дадат резултат, но со оглед дека на крај на април се очекува пикот на вирусот, уште од сега се работи на процесите за постепено враќање на животот во нормала, но како што посочи, не може целокупниот живот да се врати во нормала со ист интензитет  со оглед на искуството од други земји дека има шанса за втор пик на болеста.

Тој додаде дека во координација со стопанските комори наскоро ќе се разработат насоки како да се продолжи со работа во периодот кога целиот живот ќе почне да се враќа во нормала постепено. А.Р.