Чоколадото има долга историја во исхраната на многу култури. Денес чоколадото се смета за луксузна храна со која треба да се внимава, бидејќи може да предизвика мигрена и здебелување. Сепак, поновите истражувања ги ставаат под прашање ваквите верувања. Се покажало дека чоколадото или какаото (од кое се приготвува чоколадото), ако се консумираат умерено, се корисни за организмот и помагаат во превенција на срцевите заболувања, канцер и други дегенеративни болести.

Нутритивен состав
Нутритивната содржина на чоколадото варира во зависност од рецептот. Генерално чоколадото ги содржи следните нутритивни материи:

  • Протеини – неопходни за обновување на клетките.
  • Масти – главно заситени масти, до 50%.
  • Витамин Е – липослубилен витамин, важен за клеточните мембрани.
  • Калциум, фосфор и магнезиум – минерали неопходни за коските и забите.
  • Железо – неопходно за формирање на хемоглобин .
  • Кафеин – стимулант на нервниот систем.
  • Бакар – го помага метаболизмот на железото, создавањето на меланин (во косата и кожата) и функцијата на централниот нервен систем.
  • Фитохемикалии (како што се флавонидите) со антиоксидантно дејство- зрната на кaкao, главната состојка на чоколадото содржат повеќе од 600 фитохемикалии, вклучувајќи антиоксиданти кои штитат од срцева болест и од канцер.

Дали чоколадото предизвикува мигрена?
Под мигрена се подразбираат напади на тешка главоболка, предизвикани од спазам на мозочните артерии. Овие напади може да се потикнати од бројни фактори, меѓу нив често се цитира чоколадото. Сепак, нема сигурни докази за ова, а кај повеќето болни нападите се предизвикани со истовремено присуство и на други фактори, како што се стресот (замор, возбуда или лутина) и хормоналната нерамнотежа. Меѓу тие фактори се вбројуваат и некои храни и гладувањето.

Дали чоколадото предизвикува акни и мозолчиња?
Се верува дека некои храни може да доведат до влошување на акните, меѓу нив често се окривува чоколадото. Но нема доказ за ова. Во чоколадото не се откриени состојци, кои би можеле да потикнат појава или влошување на акните. Сепак се верува, дека високиот гликемичен индекс, комбиниран со високата содржина на рафинирани јагленихидрати во чоколадото, може да се поврзани со појавата на мозолчиња.

Дали чоколадото предизвикува дебелина?
Ако некој редовно јаде повеќе одошто се неговите потреби, вишокот на калории ќе ги складира во форма на масти. Чоколадото има висока енергетска вредност, што значи дека содржи компаративно повеќе килоџули во однос на неговота тежина, апроксимативно 2200 килоџули на 100 гр. Ако некој редовно јаде енергетски богата храна , тоа е веројатно најбрзиот начин да се добие во тежина, но погрешно е да се каже дека консумирањето на чоколадо води кон дебелина. Всушност кривец е претераното јадење во целост, не специфичните храни. Сигурно е, дека ако некој се храни здраво може да јаде и чоколадо во умерена количина, без страв од здебелување. Традиционалната мексиканска кујна на пример, користи темно чоколадо во рецепти со солено месо и во прилози од зеленчук. Чоколадо примено на тој начин е со помала енергетска вредност бидејќи е комбинирано со ниско енергетските храни- месо и зеленчук.

Дали дијабетичарите смеат да јадат чоколадо?
Дијабетичарите смеат да јадат мали количини чоколадо, без да се предизвика значителен неповолен ефект врз контролата на гликемијата.

Дали чоколадото го покачува холестеролот во крвта?
Чоколадото содржи просечно 50% масти. Познато е дека по консумацијата на храна која е богата со заситени масти расте вредноста на холестеролот во крвта. Во чоколадото, главниот облик на заситени масти е стеаринската киселина. Овој тип не влијае на крвниот холестерол, што значи дека тие што сакаат да го нормализираат холестеролот, можат слободно да консумираат мали количини чоколадо.

Дали чоколадото штити од срцева болест и канцер?
Зрната на какао содржат антиоксиданти кои имаат улога во превенцијата на некои болести.

  • Супстанците наречени катехини ја зголемуваат отпорноста кон дегенеративните болести, како што се канцер и срцевите болести. Катехините се наоѓаат и во овошјето и зеленчукот, но организмот има потреба од различни катехини, па и од оние, кои се наоѓаат во чајот и чоколадото. Во споредба со чајот, содржината на антиоксиданти во чоколадото е повисока. Чоколадото-особено црното чоколадо е одличен извор на катехини.
  • Постојат докази дека какаото ја превенира оксидацијата на холесторолот во крвта и дека ја намалува склоноста кон згрушување на крвта ( тромбоза).
  • Сепак, во досегашните истражувања не е докажано дејството на антиоксидантите во превенцијата на срцевите болести.

Какао наместо чоколадо?
Ако сакате да го зголемите внесот на антиоксиданти, а сепак вкупниот внес на калории да биде низок, пробајте да пиете какао- наместо да јадете чоколадо, бидејќи генерално содржината на масти во какаото е помала. Чајот исто така содржи катехини ( иако не колку какаото и чоколадото), а не содржи масти.

Каде да се обратите за совет?

  • Диебетичар
  • Вашиот лекар