четврток, април 25, 2024
домаЖивотШвајцарски научници: Инсектите би можеле да им помогнат на луѓето алергични на...

Швајцарски научници: Инсектите би можеле да им помогнат на луѓето алергични на полен

Швајцарските научници откриле дека влијанието на инвазивната амброзија врз здравјето на луѓето е значително потценето низ цела Европа и порачуваат дека ширењето на растението може да го контролираат инсектите кои инаку не живеат на овој континент.

Северноамериканскиот инсект „Ophraella communa“ случајно пристигнал во Европа во 2013 година. Инсектот ги напаѓа листовите на амброзија и истражувања во Италија покажаа дека со неговото делување, концентрацијата на поленот на амброзијата е намалена за 82 проценти.

Амброзијата исто така потекнува од Северна Америка и сега се рашири во 30 европски земји од Пиринејскиот Полуостров, Балканот и Скандинавија.

Поленот од амброзија предизвикува низа симптоми од кивање до солзење на очите и ги влошува состојбите како што се астма и егзема.

Д-р Урс Шафнер од научниот центар КАБИ во Швајцарија вели дека истражувањата покажале дека влијанието на амброзијата врз здравјето на луѓето може да се ублажи со помош на инсектите во некои делови од Европа каде климата е поповолна за нив.

Со помош на податоците од Европскиот центар за мониторирање на полен, неговиот тим ги следел концентрациите на полен во Европа од 2004 до 2012 година, кога споменатиот инсект пристигнал на континентот, а бројот на луѓе кои страдаат од алергија на амброзија го пресметале со помош на здравствени податоци за југоистокот на Франција.

Австралија претходно размислувала за воведување на инсектот, но се откажала бидејќи открила дека во лабораториски услови инсектот се населувал на сончогледот.

Подоцна, инсектот пристигнал во Кина и се населил во природа и не било утврдено дека е штетен за сончогледот, а екипа во северна Италија дошла до сличен заклучок.

На северноамериканскиот инсект се чини дека му одговара потоплата клима во јужна Европа. А.Н.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ