Пишува: Сунчица Уневска

„Ќе му се јавам на татко ти“ е многу симпатичен краткометражен филм, кој навидум на едноставен, па дури и детски начин се занимава со темата за врсничкото насилство, но всушност Леон Ристов отвора и навлегува во многу прашања. Мудра е одлуката филмот да се гледа и доживее низ очите на децата, бидејќи тоа дава можност да се фокусира на некои теми, а во нив да нема ниту тенденциозност, ниту патетика.

Дамјан (Александар Андоновски) ќе биде нападнат од две деца од маало и наеднаш тука се отвора приказната за нивното семејство, за односот помеѓу мајката и таткото, за сфаќањата, за стереотипите, но и за оној очаен обид да се задржи блискоста. Мајката (Николина Кујача), која е разделена со таткото (Оливер Митковски), смета дека треба него да го повика, дека тој како маж треба да ја реши работата и да биде одговорен за децата. За потоа, кога тој на свој начин ќе и даде „рапорт“ за тоа што направил, да му понуди ручек… Исклучително добро Леон Ристов успева да ги долови карактерите и да проговори за односот меѓу половите, во склад со нашата традиција и со нашето окружение.

Филмот не случајно беше селектиран на Сараевскиот фестивал меѓу десет филма кои се прикажаа во младинската програма „Тин Арена“. Тоа е филм за младите, но особено тоа е и филм за возрасните, видени низ очите на децата, кои всушност во нив ја бараат стабилноста и поддршката. И иако однесувањето на родителите е доста незрело, сепак има во овој филм една топлина која е толку карактеристична за нашата средина. Со други зборови, успева Леон Ристов толку добро да ја отслика нашата култура и низ разговорот на Дамјан со мајка му, и низ онаа одлична сцена додека помалата сестра Бисера (Стефанија Јовческа) сето тоа го слуша, и низ односот и очекувањата од таткото, а особено низ однесувањето на таткото, кој без оглед колку инфантилно, сепак е мажот кој треба да го среди проблемот, а тој тоа и го прави. За жал, на насилство одговара со насилство и тоа кон малолетник.

Интересно е што потоа доаѓа да и каже на мајката што направил, додека таа се грижи за него како за дете. Но, тука секако е и она шесто чуло на децата кои точно знаат што значи тоа за мајката. Затоа и на крајот, за време на ручекот Дамјан на тој начин гледа во мајка му, при што Ристов толку добро ја доловува тензијата, болката, самотијата и очекувањата.

Ова е втор краток филм на Ристов кој е финансиски поддржан од Универзитетот „Веслијан“ во Конектикат, каде што тој студира, а продукцијата е на „Џолев и уметностите“. И тој навистина покажува голема зрелост, и во поглед на тоа како е направен филмот, како успева да го долови детскиот свет, а и светот на возрасните во нивните очи, но и во поглед на бројните прашања кои толку ненаметливо ги отвора, за насилството, за стереотипите, за половите и за нивниот меѓусебен однос, но и односот кон децата, а секако и онаа слика која децата на свој начин ја разбираат и доживуваат. Успева Ристов во само 12 минути да ги фати и оние емоции меѓу редови, а многу солидна и ефектна е и фотографијата (Владимир Димоски), и монтажата (Горјан Атанасов и Леон Ристов), сето тоа спакувано со професионална продукција. „Ќе му се јавам на татко ти“ е мал урбан филм, кој кажува многу, и чија искреност и топлина умее навистина да плени, и тоа на прва топка.