Медиумите и новинарите ќе бидат една од професиите или една од структурите за која ќе важи исклучокот во режимот на полициски час којс тапува на сила од денеска и важи од 21 до 6 часот, соопшти министерката Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција во Владата.

– Се воведува полициски час во периодот од 21 до 06, а главниот штаб во Владата се задолжува да ги дефинира исклучоците и тоа уште вчера беше споменато и од страна на министерката за правда дека една од професиите или една од структурите за која ќе важи исклучокот дефинитивно ќе бидат медиумите и новинарите. Денеска сабајлево на Главниот штаб ги потврдивме неколкуте категории исклучоци. Ние не може да речеме полициски час и докторите да не можат да одат на работа или медицинскиот персонал. Така што уште вчера ги спомнавме новинарите, односно медиумите како еден од исклучоците. Меѓутоа денеска е во тек како тоа да го реализираме на едноставен начин што ќе биде брз за медиумите, а од друга страна ќе и даде и на полицијата и на Армијата можност за контрола, рече Шеќеринска.

Таа потврди дека медиумите ќе бидат меѓу исклучоците.

– Ние сме свесни дека како што се бориме со вирусот така се бориме и со стравот којшто е оправдан, се бориме и со лагите, се бориме и со дезинформациите и единствената политика која што може да ни биде успешна е да бидеме отворени, да бидеме транспарентни и да бидеме на располагање кога треба да се одговорат прашањата. Не би било прифатливо да кажеме дека одеднаш од 21 часот веќе нема ни разговор, веќе нема ни информации. Тоа само може да ја влоши ситуацијата, а не да ја подобри. Овие мерки што ги преземавме физички се начин да покажеме дека можете да бидете транспарентен, а притоа да не го загрозувате здравјето на новинарите, рече на прес-конференцијата министерката за одбрана.

Претходно и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги апелираше во услови кога е прогласена вонредна ситуација поради коронавирусот, на сите медиуми – електронски, печатени и онлајн медиуми – да им се обезбеди еднаков пристап за известување.

„Имајќи ја предвид неопходноста граѓаните да бидат навремено, објективно и сестрано информирани за превенцијата од ширењето на коронавирусот и мерките коишто надлежните институции ги преземаат, институциите треба да вложат максимални напори во насока на што поинклузивно и потранспарентно работење. Во овој контекст, ја повикуваме Владата и државните органи да овозможат пристап на сите медиуми на своите прес-коференции и слични настани и одговорите на сите неодговорени прашања на конференцииите да бидат објавени на нивните веб страници. Воедно, потенцираме дека сите медиуми, без исклучок, треба да известуваат професионално, одговорно и без сензационализам. Покрај ова, сите онлајн медиуми треба да имаат објавено импресум, име на авторот на текстот и податоци за сопственоста“, се вели во апелот на Агенцијата. А.Р.