Шпанските пожарникари пронајдоа две тела и продолжија да го гаснат пожарот што избувна доцна синоќа во напуштена зграда во Бадалона, во која живееле мигранти и други бездомници.

Најмалку 18 лица се повредени, од кои тројца се во многу сериозна состојба, а сè уште не е познато дали повеќе луѓе останале заробени во зградата во приградска населба во Бадалона, град со 200.000 жители, северно од Барселона, соопштија властите.

Вршителот на должноста регионален шеф на Каталонија, Пере Арагонес, рече дека досега се регистрирани околу 60 лица, но се верува дека во зградата имало повеќе од сто бездомници.

Локалните медиуми објавија дека меѓу бездомниците има и африкански мигранти кои нашле засолниште во напуштената зграда.

Арагонес рече дека се верува дека многу од нив биле илегално во Шпанија и дека побегнале кога избувнал пожарот.

Регионалниот министер за внатрешни работи Микуел Сампер изјави дека властите ќе испитаат дали пожарот бил предизвикан „случајно или намерно“.

Противпожарната служба соопшти дека околу 30 лица биле спасени од прозорецот пред да се сруши покривот.

Градоначалникот на Бадалона, Ксавиер Гарсија Албиол, рече дека бездомниците живеат во таа зграда најмалку осум години и додаде дека градското собрание го започнало нивното иселување поради продажба на дрога, ситни кражби и проблеми со соседите кои се зачестиле во последните две години. А.Р.