Јавен обвинител и таен бранител

147
Пишува: Филип Спировски

Со судската пракса сум скаран. Не разбирам ништо. Знам само за адвокати кои се експерти за суд. И ако морам судски да се расправам се повикувам на адвокат.

Окулу мене многумина се адвокати. Некои познати и признати некои само првото. Некои ми се комшии, а некои роднини. Нив не ги ангажирам, да не се замериме!?! Последно што очекувам од моите адвокати е да работат против мене и да се спогодуваат и да губат случаи за мој интерес! Но со оглед на околностите во кои живееме нема да ме изненади и тоа да се случи.

Државата предвидела заштита на права на лица и на институции во рамките на почитување на човековите права но и обврски. Од таму ми минуваат низ глава јавни обвинители, државни правобранители кои ми изгледаат како да се позапознаени со проблематиката од адвокатите ама помалку од судиите. Судиите ми се врв: најспремните и најправедните од сите. После моите родители – јас се крстам во судиите.

Во последно време оваа парадигма ми ја разбрануваа информациите во јавноста за јавни обвинители кои обвинувале и по допрен глас ама по сопствен аршин, судии кои суделе неправедно и со широко отворени очи, иако треба правдата да е слепа и непристрасна. Широко отворени им биле и џебовите и сфаќањата за Сваровски подароците.

Но најмногу ме растревожија оние од судскиот совет кој биле задолжени за избор именување казнување и наградување на судиите. Сега излегува дека тие се поправедници и поважни од судиите. Си велам: „Ако, и за вас има суд и тоа Врховен суд. Богот на Боговите. Ако тој ве докачи ќе видите сите што е правда. Врховниот суд мора да е најправеден и да суди како што треба. Да суди праведно и да суди со очи свртени кон небото, а не кон нечии интереси.

Колку ли треба да си наивен да веруваш во ова? Да ги охрабрам Македонците во ова мора да се верува. Ова мора да дојде. Од ова ни зависи иднината. Ниту од името ниту од презимето не ни зависи толку колку што ни зависи од вербата во праведното судење. Тоа е единствен начин да се врати вербата и кај верниците и кај неверниците. А приказните за оние што краделе дека ке им ги исечат рацете се еднакви со приказните за оние што лажеле дека ќе им ги исечат јазиците. Тогаш, веројатно Македонија ќе биде земја на смешни сподоби што зборуваат на неразбирлив јазик.

Јас верувам во еден бог – праведност. А велат дека ризикот го движи напредокот. Точно е ама темата е различна. Како онаа со коњите кога се тркале, а магарето дошло бидејќи мислело дека си ги мерат.