Министерството за култура објави дека  на својата веб–страница (www.kultura.gov.mk) објави Јавен повик за изготвување Листа на уметници и други лица кои вршат дејност во културата, врз основа на член 3 став (7) од Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 290/20).

Листата на уметници и други лица кои самостојно вршат дејност или друг вид активност од областа на културата, или преку авторски или друг вид договор, заклучно со 27.9.2020 година, се ангажирани во правно лице за вршење дејност од областа на културата се изготвува со цел уметниците и другите лица кои вршат дејност во културата да можат да се стекнат со право на финансиска поддршка во износ од 6.000,00 денари, која може да се користи исклучиво за купување македонски производи и услуги во периодот од денот на приемот на средствата на трансакциска сметка до 25.12.2020 година.

Јавниот повик трае до 12.12.2020 година, а сите заинтересирани лица можат да достават Барање за вклучување во Листата и Изјава за исполнетост на условите за вклучување во Листата (кои се составен дел од  Јавниот повик) на е-адресата на Министерството за култура (info@kultura.gov.mk).

Како што се посочува, листата на уметници и други лица кои самостојно вршат дејност или друг вид активност од областа на културата, или преку авторски или друг вид договор, заклучно со 27.9.2020 година, се ангажирани во правно лице за вршење дејност од областа на културата, Министерството за култура ќе ја достави до Управата за јавни приходи. А.Р.