Валентина Ѓоргиевска Парго 
Музичарите копнеат да се најдат во нејзините емисии, на Хрватското национално радио, за да добијат афирмација каква што заслужуваат. Но, новинарката и уредничка Јелена Балент не само што со своите емисии е сосема корисна за хрватската сцена, туку и за другите музички уметници од Балканот и пошироко. Престиж е да се најдеш на нејзините топ листи, велат балканските музичари.
*Драга Јелена, овие денови македонска јавност се запозна со емисијата “Џезоловка” на Хрватското радио, која ја водите Вие, затоа што објавивме информацијата дека е присутно и македонското трио кое моменто води во гласањето на таа топ листа. Прво кажете ни како сте? Како е кај вас овие денови? А потоа претставете ни се Вие, како и Вашата емисија.
– Ве поздравувам, драга колешке Валентина, како и сите во Македонија, посебно музичарите! Во Хрватска е ситуацијата слична како и секаде во  околината, и глобално, последнава година дена. Се држиме, иако нас покрај ковид мерките не потресоа и силни земјотреси. Поради тоа имаме дополнителни сериозни материјални и психолошки последици. Некои потешки, некои полесни. Верувам дека овој период никому не му е лесно и безгрижно. Јас веќе 27 години работам како музичка уредничка на ХРТ, односно на Хрватската радиотелевизија. Во тој период бев и останав, верна на медиумот кој го обожавам, а тоа е радиото! Бев авторка и водев многу емисии, но во последново десетлетие континуирано ги водам следниве: “Џезоловка”, “Џез сешн” , “Мјесечеве сјене”, “Глазбу с потписом” …Многу сум  горда на проект МИМО – Медиумски инвентар на музички оригинали – кој доживеа точно 5 сезони радиски преноси и видео стриминг на концерти на хрватски музичари различни современи/актуелни/модерни стилови (https://radio.hrt.hr/emisija/mimo-medijski-inventar-muzickih-originala/997/), а (https://mimo.com.hr/) ” Џезоловка” е активна веќе 7 години. Ја покренав оваа емисија на идеја на колегата музичар, композитор и гитарист Иван Капец кој тогаш водеше блог за  наведената тема. Како што заедно и музициравме, така почнавме да зборуваме за музиката во нашите краишта и за сцената воопшто, па и на начините на кои би можеле да оствариме  подобро поврзување и соработка. Сакавме со нашите знаења и искуства да дадеме придонес на таа приказна и така се создаде радиска верзија “Џезоловка” – џез, импро, алтер топ-листа која ги следи актуелните дела од Хрватска, бившата држава, регионот, соседството и блиската европска околина.
*Интересно е дека на оваа топ листа која е наменета на џез траки од Хрватска, Австрија, Италија и земјите на  ЕУ сега имате и македонска песна. Како оваа песна влезе на топ листата, дали е ова прва композиција на  Македонски џез за која и ја отворивте вратата од “Џезоловка”?
– Како што наведов, идеја беше да се поврзе Хрватска и околината (кога тргна  “Џезоловка” кај нас беше популарен изразот “регион”). Тоа всушност  подразбира поврзување на земјите на поранешна Југославија. Веќе напоменав дека темелната цел беше поврзување на музичари кои веќе на овој или оној начин се поврзани (било со минатото, сегашноста или иднината). А тука се придружени и соседите од Западна Европа. Сашо Поповски тоа го “скужи” и се јави на маил за да се пријави, па така на листата од 2019. се најде нивната композиција “Едно моме” – Поповски Тасевски Квартет. https://radio.hrt.hr/treci-program/ep/jazzolovka-27062019/305287/
* Емисијата е посветена на џез. Нешто што како музички правец секаде подеднакви лесно  влегува. Се слуша ли во Хрватска џез? Свират ли вашите музичари доволно џез?
– Има различни бендови, традиционални, свинг, етно, современи, фјужн, електро…постојат многу комбинации, џезот е “ин”, а новите генерации се школуваат низ Европа и Америка па користат различни пристапи. Особено авторски! Сцената е богата и копнее за ширење, создавање, за живот, свирки и публика. Џезот досега не им носеше големо богатство на уметниците во нашите краишта, се повеќето почива на ентузијазмот на самите музичари, но оние кои се предадоа на таа професија беа успешни и имаа доволно пари за нормален живот. Со Ковидот се тоа страшно го загрози зошто концерти со публика нема веќе една година.
* Не знам дали сте слушнале, имаме и ние престижен Скопски џез фестивал кој трае 40 години, со светски имиња, имаме уште 10 официјални џез настани и фестивали. Загреб џез фестивал е хрватски пандан на овој наш фестивал, знам дека имате џез настани и во Сплит, Опатија, каде уште?
– Знам за Скопје џез фестивал, но Ве  молам Вас да ми испратите листа со сите оние фестивали кои постојат или се значајни во Македонија! Сите препораки се добредојдени! Еве и листа од Хрватска, сигурно ги има уште и повеќе:
Jazz.hr/jesenJazz.hr/proljećeJazz TimeLiburnia JazzLast minute Open Jazz festival – BaleSpring Jazz festival – RovinjFest Jazza – KoprivnicaZadar Jazz & Blues FestivalSplit Open Jazz FairRab Jazz FestLošinj Jazz festRiver Jazz FestivalSiscia Jazz & Blues FestivalBackstage jazz festival – PulaJazz is back – BPŠibenik Jazz festVaraždin Jazz festivalEtno jazz festival – Karlovac Križevci jazz fest
Секако, сето тоа поради пандемијата е  привремено запрено и прашање е во кој број и облик ќе опстанат во иднина.
* Можете ли да споменете некои од најпознатите и најдобри хрватски музичари кои создаваат џез и тоа навистина е убаво за уво? Јас знам за Загрепски џез квартет, имаше ѕвездена прашина над нив во поранешна Југославија.
– Зависи каков џез сакате, има навистина различни квалитетни соло и бендовски проекти: ХРТ џез оркестар, Загреб џез Портрет, Елвис Станиќ Груп, Дамир Кукурузовиќ Џанго Груп (за жал Кукурузовиќ неодамна прерано почина во 4-тата година од животот), Оридано  Џипси џез бенд, потоа состави кои ги водат автори како што се Миро Кадоиќ, Саша Несторовиќ, Иван Капец, Матија Дедиќ, Круно Левачиќ (Проблеми), Зоран Мајсторовиќ, Ведран Ружиќ, Ѕвездан Ружиќ, Павле Миљеновиќ, Дамјан Крајачиќ, Филип Павиќ, Иван Боначиќ, Павле Јовановиќ, па бендовите Блек кофи , Дамјанс (Дамјан Грбац), ЧУИ, Козмодрум, Б’с ФУНсталејшн, МИМИКА (Мак Муртиќ) , проекти на легендарната маестра Силвија Глојнариќ. Женска сцена донесува имиња како што се Тамара Обровац и нејзиниот Траншистриа Ансембл, Валерија Николовска, Лана Јањанин, МорЛовАнсамбл (Мелита Ловричевиќ), Лела Капловиц, Дина Ризвиќ, Бруна Матиќ… Интересна е сцената, и она што која  преку пет години го одржува колективот ” Санрајс Сешн” од Загреб. Колективот прави свирки по загрепските клубови во кои учествуваа најеминентни музичари од таканаречената алтернативна сцена. Посебноста на нивната музика е во тоа што се тоа постепено се создава на сцена во моментите на изведба и што секој  концерт свири друга четворка од тие дваесеттина. Концерти  главно се организирани во циклуси на сезоната, а повремено се појавуваат и посебни изданија – едиции.
* Неизбежно е  да се спомене познатата уметница Јосипа Лисац, која кај нас е многу популарна и ценета. Разговарате  со неа, имавте ли прилика да ја запознаете?
-Јосипа Лисац е наша авангардна, но и поп дива. Популарна е и ценета, а нејзините концерти се секогаш голем настан. Ми беше гостинка во проектот  МИМО каде меѓу настапите на бендовите разговарав со реномираните уметници. Така и лично ја поканив во шоуто, ја запознав, се дружев и разговарав со неа  – во радио етерот. Беше супер!!! Забавно, шармантно, духовито и поучно!
*Зошто ја одбравте џез музиката? Како Вас толку ве привлече? Следите ли и друга музика ? 
-Ги следам сите стилови на музика, тоа е во  описот на работата на музичкиот уредник. Класика, џез, ретро, современа, етно, електроника, акустична музика… Имам еклектичен музички вкус, но основниот услов на музиката која ја слушам секогаш е квалитетот. Џезот ме одбра мене, ми се чини, а не обратно. Иако некои колеги музичари ме воведоа  во тој свет! По класичната наобразба на Загрепската академија, сфатив дека сепак не сакам да се занимавам со класика, па џезот беше единствен можен след. Така структуриран, а сепак со доволно простор за слободно изразување!
*Каква е општо ситуацијата во Хрватска сега? Слушам дека музичарите се жалат дека немаат средства за живот. 
-Егзистенцијата на професионалните музичари е сериозно загрозена. Не се живее од продажба на албуми туку од настапи. Последната година дена всушност воопшто и нема концерти, поради што на музичарите ова им е изразито тежок период.
*Вие сте дипломирана музичка уметница, се занимавате со музика паралелно со ангажманот на радио. Можеби и нешто снимате, пеете, свирите, кажете ни. 
– Пеењето е нешто што ме следи цел живот. Бидејќи моите родители по потекло се од Меѓумурје, ја сакам традиционалната музика, односно тоа е примарна причина за мојот афинитет кон традиционалното. Меѓумурската традиција е ценета и во светот – како и македонската, па така и УНЕСКО ја препозна вредноста на таквата традиционална музика. Родена сум во Хрватско загорје, во градот Крапина, кој е познат по наоѓалиште на прачовекот– Хушњаково брдо, а таму има долговечен Фестивал на кајкавски попевки (песни). Од детство настапувам на тој фестивал. Баш оваа година ќе настапам со една “џезерска” песна на кајкавско наречје. Џез пеам преку 20 години, главно стандарден. Ми тргна со бендот Д Кјут (снимив два албуми со него), следуваше “Нови Старомодни оркестар” (стари чарлстон евергрини), во 2011. е објавен мојот проект “Авантуро још нас има” со Биг бенд на ХРТ, од кој препорачувам да го погледате музичкото  видео “Тко је згазио госпоѓу Мјесец” – кавер на некогаш популарниот словенски бенд “Видеосекс” .  Има тука уште повеќе повремени соработки и комбинации, а на пријателите музичари понекогаш им пејам придружни вокали.
*Сте биле ли некогаш во Македонија? Сакате да дојдете? Знаете ли нешто за македонската музика?
-Никогаш не сум била во Македонија, но тоа ми е желба уште од основно училиште. Јас сум всушност од генерацијата 1973. Во основно училиште  беше многу популарно да бидеш извидник  и да летуваш на Островот на младости. Тоа е денешниот остров Обоњан кој се наоѓа кај Шибеник. Таму се дружевме младите од сите краишта на некогашна Југославија. Имав многу интересни познанстава баш со младите од Скопје и Македонија. Можам да ви речам дека вашата екипа секогаш имаше некоја интересна  “фора”, од мода до музика. Беше тоа убав период на  разменување на младешката култура. Кој не знае за “Леб и сол” ? Ги слушаме и ги пуштаме на радио и денес. Влатко Стефановски е чест и омилен концертен гостин во Хрватска. А бев и на концерт на Кирил Џајковски. Тука е кралицата на ромската песна Есма Реџепова, па пејачот Тоше Проески…Но, Ве молам, пратете  ми некој едукативна разновидна листа  или плејлиста да го пополнам своето скромно знаење за македонската музика.