Оваа година Друштвото на ликовни уметници на Македонија одбележува голем и значаен јубилеј 75 години од формирањето и постоењето на Друштвото. По тој повод утре, 1 декември во Национална галерија на Р.С. Македонија во два објекти Чифте амам и Мала станица ќе биде отворена голема јубилејна изложба на членови на ДЛУМ од неговото основање до денес.

На отварањето на изложбата ќе се обратат директорката на НГМ Дита Старова Ќерими, Дијана Томиќ Радевска – претседател на Уметнички совет на ДЛУМ и министерката за култура Ирена Стефоска.  Изложбата ќе ја отвори покровителот на јубилејот, претседателот Стево Пендаровски.

-На изложбата ќе биде претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајки од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени кој што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па се до новата генерација која што ја претставува иднината на ДЛУМ. Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј – посочуваат од ДЛУМ.

Изложбата се реализира во соработка со Национална галерија. Воведниот текст во каталогот е на претседателот на Уметнички совет на ДЛУМ Дијана Томиќ Радевска.

Свеченото отварање ќе се одржи во Чифте амам со почеток во 20 часот.

Во согласност со протоколите за заштита од ковид -19, приемот на посетители ќе биде во период од 19:00-19:50 часот. Настанот ќе се спроведе со важечките протоколи за сите јавни настани.

Поставката во Мала станица исто така ќе може да се погледне од утре, 1 декември.  Сите љубители на уметноста, изложбата ќе може да ја видат во двата објекти Чифте амам и Мала станица до 12 декември.