Гугл во последните неколку месеци почна од Јутјуб да ги отстранува екстремистичките видеа кои не покажуваат насилство или се залагаат омраза, објави Јутјуб, што претставува значително отстапување од претходната политика на компании кои водат социјални мрежи, а се последица на се посилен притисок на владата.

Со новата политика се опфатени видеа во кои се прикажани поединци и групи идентификувани од страна на американската или британската влада како терористи, а нема насилство или говор на омраза што претходно беше забрането на Јутјуб.

Претставник на Јутјуб, кој поради безбедносни причини не сакаше да биде именуван, потврди дека ова е нова политика на компанијата, но не сакаше да одговори кога почна да се применува. Јутјуб претходно на познати терористи им забрани внесувањето на видео содржини, а со новата политика сака да опфати и други милитанти кои ќе се обидат да го сторат истото.

Меѓу отстранетите снимки се стотици видеа на убиениот Анвар ал-Авлаки, кој регрутираше нови членови на Ал Каеда со неговите предавања за историјата на исламот. Станува збор за снимки на предавања што се направени многу пред да почне да повикува на насилство против САД.

Влади и организации за заштита на човековите права, со години вршеа притисок врз Јутјуб за да се отстранат сите содржини поврзани со екстремисти, бидејќи веруваат дека таквата пропаганда ја радикализира публиката и придонесува за смртоносни терористички напади.

ЕУ и САД оваа година се заканија со последици за компаниите кои не реагираат, а Германија во јуни усвои закон со кој се предвидуваат казни за социјалните мрежи, кои веднаш нема да го отстранат говорот на омраза и кои се движат до 50 милиони евра.

Досега, Јутјуб остана на ставот дека е доволно пропагандистичките екстремистички видеа да се опремат со предупредувања и да се спречи нивно врзување со реклами за да не можат да создадат приход авторите на снимките.