Њујорк Тајмс ја прикажа Северна Македонија во окер боја, што укажува дека зголемувањето на бројот на нови случаи во претходните две недели е приближно исто и покрај тоа што во последните денови бележи трицифрена дневна бројка на новозаразени.

Од регионот, Србија е означена како земја со мало зголемување на бројот на заразени лица на новата мапа на светот, која што го следи ширењето на коронавирусот во светот, а со истата боја означени се и Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија и Албанија. Хрватска и Црна Гора, пак, се единствените земји во Европа означени со црвена боја, што значи имаат зголемување на нови случаи.

На мапата на „Њујорк Тајмс“, земјите се класифицираат според стапката на пораст на бројот на нови случаи во последните 14 дена, така што, иако некои имаат мал број заразени, се пресметува процентуалното зголемување на бројот на нови случаи во последните денови.

Меѓу европските земји каде тој број се намалува, па затоа се обоени во сина боја, се и Велика Британија, Полска и Грција, додека Русија, Франција и Италија се обележани како земји каде што бројот на новозаразени е стабилен.
Во светот, Мароко, Киргистан, Екваторска Гвинеја и Малави се означени со црвена боја.

„Њујорк Тајмс“ забележува дека епидемијата се смирува во некои земји кои биле сериозно погодени во рана фаза, но предупредува дека бројот на нови случаи ширум светот расте побрзо од кога било, со оглед дека дневно се пријавуваат над 100.000 нови инфекции.

Во весникот се вели дека во последните две недели е забележано зголемување на бројот на нови случаи во скоро двојно повеќе земји отколку оние кои пријавиле пад, што е последица на жариштата во Латинска Америка, Африка, Азија и Блискиот исток.

Н.Д.