Вечерва се одржуваат протести на улиците во Минск, десетти ден по ред, откако претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, прогласи изборна победа.

Од сите делови на Минск, граѓаните пристигнуваат во центарот на градот, каде што со светлата на нивните мобилни телефони се обидуваат да ја „избркаат“ темнината што се спушта и, како што велат, да осветлат подобра иднина.
Со извици на „Саша, оди си“, бескрајна маса демонстранти го преплави срцето на Минск, но и платото пред затворот каде се наоѓаат политичките противници на Лукашенко, кои го уапси пред изборите.

Александар Лукашенко, кого западните медиуми го нарекуваат „последен диктатор на Европа“, со денови се обидува да ги смири протестите што се шират како шумски пожар низ Белорусија. Илјадници луѓе беа уапсени, а Советот на Европската унија инсистираше тие да бидат ослободени. ЕУ објави дека резултатите од претседателските избори во Белорусија инаку не би можеле да бидат прифатени.
„Изборите не беа ниту слободни ниту фер“, е пораката што пристигна од ЕУ на обраќањето на Лукашенко само неколку дена по 9 август.

Во заедничката изјава, водечките политички партии на Европскиот парламент го прогласија претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко за непожелен, персона нон-грата и повикаа на нови, „слободни“ избори во таа земја.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин изјави пред германската канцеларка Ангела Меркел дека сите обиди за мешање во внатрешните работи на Белорусија се неприфатливи, објави Крем.

А дека силата на Лукашенко слабее говори и вчерашната посета на една фабрика, каде тој бил исвиркан, по што и го прекинал говорот поради неочекувана реакција од работниците.

„Се извинувам за моите непопуларни зборови, но времињата се такви што морам да зборувам искрено. Благодарам, реков сè“, заклучи Лукашенко и нагло ја напушти бината, следен со извици на работници „оди си“.

Оваа ситуација доста потсетува на говорот на друг диктатор, говорот што го означи почетокот на крајот на Николае Чаушеску, романски комунистички диктатор, кој беше соборен во романската револуција во 1989 година и потоа егзекутиран.