Украинскиот филм „Кога дрвјата паѓаат“ од Марисја Никитук ќе биде прикажан во Europe House Скопје в сабота во 17 часот. Проекцијата е во рамките на програмата „Џифони филмски денови“, што ја организира фестивалот „Џифони Македонија“. Филмот е наменет за деца над 16 години, а по проекцијата ќе следува и дискусија на тема „Перспективите на младите во период на транзиција“, а Украина е земена како актуелен пример. Целиот настан ќе се одвива на англиски јазик.

„Кога дрвјата паѓаат“ е дебитантски филм на Марисја Никитук, кој имаше премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин во 2018 година. Филмот е копродукција меѓу Украина, Полска и Македонија.

На осмата сесија на „Џифони филмски денови“ во редовниот термин од 10 часот, во Кинотеката ќе бидат прикажани три кратки филма за публика над 10 години. Ќе гостуваат и претставници од екипите на филмовите. Станува збор за наградуваните: „Змија“ на Андреј Илиевски Волкашин, „Јас не сум Игор“ на Сергеј Ѓеоргиев и „Перики“ на Ангела Димеска, која беше учесничка на „Џифони Италија“ во 2015 година. Филмот „Змија“ има учествувано на 30-ина фестивали, а освои три награди на фестивал во Грција. „Јас не сум Игор“ зборува за спортското навивање и кога тоа се претвора во националистичко скандирање и борба.

„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. После секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот ќе следува дискусија.

Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони Експириенс“.