Фото: Нобелов комитет/Twitter

Американските научници Дејвид Џулиус и Ардем Патапутијан се добитници на годинашната Нобелова награда за физиологија или медицина за откривање на рецептори за температура и допир, објави денеска Комитетот за доделување на наградата.

Нобеловата награда во оваа област ја доделува Шведската кралска академија и е вредна 10 милиони шведски круни или 1,1 милион долари.

Користејќи клетки чувствителни на притисок, Ардем Патапутијан откри нова класа сензори кои реагираат на механички стимули во кожата и внатрешните органи.

Џулиус користел капсаицин, соединение од чили пиперка што предизвикува пецкање, за да идентификува сензор во нервните завршетоци на кожата што реагира на топлина.

Револуционерните откритија на овогодинешните добитници на Нобелова награда за физиологија или медицина објаснија како топлината, студот и допирот можат да предизвикаат сигнали во нашиот нервен систем. Идентификуваните јонски канали се важни за многу физиолошки процеси и состојби на болести. А.Н.