13 грама

134

Пишува: Филип Спировски

Конечно нешто конкретно се случи за новинарите. И оние кои известуваат од пандемијата, од кризни околности, сообраќајни несреќи, бегалски кризи, конфликти и вооружени напади, штрајкови, нереди и сл. имаа можност да се вклучат онлајн на средбата закажана од Македонскиот институт за медиуми и Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници. Гевин Рес, од DART CENTER – одговорен за Европа, се обиде да објасни зошто Пост трауматскиот стрес и нарушувањата во однесувањето предизвикани од известување од кризни состојби кај нашите новинари не треба да е табу тема. Тоа што мислев дека интересот ќе го „блокира“ зум каналот се темели на мојот непоправлив оптимизам. Иако искуствено знам дека новинарите во МК не се притресуваат многу ако треба да кажат нешто со своја глава. Избегнуваат истражувања, избегнуваат споделување на информации без бенефит, незаинтересирани се дури и за сопственото здравје, а за надградба на системот не станува збор – тие се ненадминати сезнајковци.

Разговорот со колегите е прв, проверен и функционален начин за самопроцена со менталната состојба. Тоа го знам одамна, а во пракса функционира во кафеана или на кафенце, зависно од полот. Короната ги стесни овие можности што значи дека „вентилот“ за процена е затворен, а тоа гарантира дека стресот е во пораст. Особено затоа што социјалните мрежи докажано го отежнуваат проблемот.

Седнат дома неколку месеци со смартфон во едната и лаптоп во другата рака, пред очи „воа надоле“ од фејсбукот, а службено по некој мејл и толку; Излезот го побарав во фрижидер. Тој пат е едносмерен, а и зависноста од храна е голема. Изгубив осет за време – денот го претворив во ноќ, а ноќта во време за ручек. Да бидам искрен, од новинарите очекував сведоштво што наликува на ова. Но, ништо. Ќе остане очекувањето за некои подобри времиња низ кафе муабет во редакција или во кафеана да си поприкажеме и да дознаеме.

Е, кога сме веќе кај храната, да го споделам со вас денешниов ручек што не е поразличен од минатите неколку. Брокули сварени кратко и ставени во тава во која се наредени тиквички. Мелено месо пропржено кратко со кромид и тоа ставено во тавата, како мусака одозгора пак ред тиквички. Се пече дваесетина минути на 180 степени, а потоа се додава матено јајце, хопла и 13 грама пармезан. Уште 15 минути се пече и се остава да стивне. Лесно, течно, брзо и вкусно. Следи: Кисели краставички за мезе и „дезинфекција“ на грлото за здравје. На здравје!