17 мај е Меѓународен ден на линиите за помош на децата! Секоја година овој ден се посветува на работата на СОС линиите за деца ширум светот. СОС линиите како што е и СОС телефонот за деца и млади (070 390 632 и 02 2465 316) при Детската амбасада МЕЃАШИ имаат цел да помогнат на најранливата група од населението – децата, така што ќе бидат слушнати гласовите на децата и младите, а нивните права почитувани, коишто за жал не ретко се запоставени. Благодарение на линиите за помош на деца и млади, многу деца може да ја добијат потребната помош и поддршка.

– Оваа година мрежната организација Child Helpline International, има испланирано повеќе активности што ќе бидат промовирани во текот на седмицата почнувајќи од 17 мај до 20 мај 2021 година а со цел да се подигне свеста на децата и младите луѓе за можноста од поддршка за време на пандемијата од Ковид 19 и да се фокусира вниманието на јавноста кон тешкотиите и предизвиците со кои се соочуваат СОС линиите за деца, меѓу кои е и нашата. Меѓу најзначајните активности за подигнување на јавната свест за тоа која е улогата на линиите за помош на деца во услови на пандемијата, мрежата во понеделник, на 17 мај ќе го промовира извештајот насловен: „Гласови за време на пандемијата Ковид-19 – влијанието врз децата, младите и линиите за помош на деца ширум светот“ Во овој извештај, учествуваше и СОС линијата за деца и млади на Меѓаши со податоци од нашата линија, а како што може да се види во извештајот, на глобално ниво, членките на CHI добиле 25% повеќе контакти во 2020 година во споредба со 2019 година.Секое дете има глас. Кога гласот на секое дете е слушнат, може да се најде и решение. Кога гласот на децата е слушнат, тие добиваат можност да учествуваат активно во општеството. Ние, како и сите колешки и колеги што работат на линиите за помош на деца и млади ширум светот, веруваме дека ниту едно дете не смее да биде неслушнато. За нас, нивниот глас е важен. Да го споделиме ширум нивниот глас и да го прославиме 17 мај – велат од “Меѓаши”.

Меѓународниот ден на СОС линиите за деца и млади, 17 мај е посебен ден на кој линиите за помош на деца одржуваат различни активности за да ја истакнат работата и резултатите што ги постигнуваат и за да се подигне јавната свест за важноста на нивната работа.

СОС телефонот за деца и млади при Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ (02 2 465 316 и 070 390 632) од своето оформување во октомври 1993 година досега има обезбедено континуирана поддршка на повеќе од 21 илјада пријавени случаи. СОС телефонот за деца и млади при Меѓаши овозможува поддршка/разговор на/со децата кога тоа им е потребно, поддршка за некое прекршено право на детето, помош при застапување и лобирање, промовирање на правата на детето и промоција на СОС телефонот како медиум за помош на децата.

СОС телефонот на Меѓаши е дел од глобалната мрежа на СОС линиите од цел свет: Child Helpline International (CHI), меѓународна организација којашто воедно е и стратешки партнер во јакнењето на улогата на детските СОС линии во Европа и светот. Повеќе за CHI тука.

Повеќе информации за работата на СОС линијата за деца и млади може да прочитате тука.