Музичкото радио – Канал 103, актуелно по неговата борба за враќање на ФМ фреквенцијата и конечно легализирање на сопствениот статус, го започнува физичкиот дел од прославата на својот 30-ти роденден со соло концерт на Крсте Роџевски, еден од највозбудливите, најинтересните и најсуптилните вокалисти, композитори и гитаристи во македонската музика воопшто.

Овој настап на Роџевски, кој своите почетоци ги бележи во 90-тите во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна, е најавен како своевидна акустична прошетка низ најинтересните ќошиња од неговите четири њујоршки албуми што ја заинтригираа светската не само џез критика и публика: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017), „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018) и “Hubris” (2020). Концертот е закажан за 22 јули (четврток) во 21:30 часот, во магичниот амбиент на Куршумли Ан, создаден за патување низ времето, каде што музичката терапија на Роџевски ќе добие совршено легло, природен простор и сојузник.

Настанот, кој ќе ќе се одржи со почитување на сите пропишани регулативи за одржување концерти на отворен простор, е поддржан од Министерството за култура и Институтот „Јунус Емре“. А.Н.