дома Култура 45-от МОТ се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија...

45-от МОТ се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“

28

Од 24 ноември до 3 декември во Скопје  ќе се случи 45-от МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР. „По се што сработевме изминатиов период, не ќе си простевме ако не најдевме соодветна форма за МОТ, а тоа за прв пат се вика хибридно издание на фестивалот“, вели организаторот.

Програмата на 45. МОТ 2020 под мотото „…ќе има и утре!“, ќе се одвива со претстави во живо и фестивалски онлајн претставувања специјално за фестивалот. Ќе бидат претставени 12 продукции во домашна продукција, како и театарските куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска.

Овогодишното издание е формула со која организаторите се обидуваат да не го прекинат континуитетот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот. И во минатото имало економски кризи, пандемии, војни… но МОТ неамал прекин никогаш, а …ќе има и утре!

„Сработивме многу годинава и не сакавме  да дозволиме единствено да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре!“ – изјави Русе Арсов во име на тимот на МКЦ, кој одлучно го подготвува ова издание.

Во десет фестивалски вечери, ќе се видат дури три премиери, „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат,  перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски на Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“, Велес.

Фестивалот се отвора со премиера на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, ко-продукција на МОТ и Факултет за работи што не се учат (дел од тимот се победниците на Прашкото квардинале за перформанс, дизајн и простор во 2019).

„Универзална во пламен“ е перформанс – есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши.

„Додека општеството дебатира дали еден објект во центарот на градот треба да се урива или не, ние на тоа одговараме со уметност. Немаме историска дистанца од општествениот проблем, што е особен предизвик туку сме еден спроти друг со него и си го поставуваме прашањето која е улогата на уметноста сега во општеството и кое е тоа општество кое нé доведе до овде“ – вели авторскиот тим на „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, Кристина Леловац и Филип Јовановски.

Претставата ќе има 5 премиерни изведби – од 24 до 28 ноември.

45-от, за прв пат хибриден Млад отворен театар ќе се случува на три сцени, во топлите домови на верната публика на фестивалот, Младински културен центар и Универзална сала.

Цената на билетите за претставите во живо e 300 денари, а онлајн претставите се бесплатни, но неопходен е билет, бидејќи бројот на гледачи на стримот е ограничен. Сите билети се достапни преку bileti.mkc.mk.

Како последица на ситуацијата предизвикана од Ковид 19 во која се наоѓаме, тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите. Фестивалот е поддржан од Град Скопје. В.Ѓ.

РАСПОРЕД

дата Сала почеток претстава
24/11/2020 Универзална сала 19:00 Универзална во пламен – трагедија во шест декади *премиера* | ФР~У x MOT
25/11/2020 Универзална сала 19:00 Универзална во пламен – трагедија во шест декади *премиера* | ФР~У x MOT
25/11/2020 online (гостување од Грција) 20:00 Траги од Антигона | ОДЦ Ансамбл
26/11/2020 Универзална сала 19:00 Универзална во пламен – трагедија во шест декади *премиера* | ФР~У x MOT
26/11/2020 online 19:30 Screensaver *премиера* | ЛОКОМОТИВА Центар за нови иницијативи во уметноста и културата
27/11/2020 online 18:00 Полковникот птица | НУ Гостиварски театар
27/11/2020 Универзална сала 19:00 Универзална во пламен – трагедија во шест декади *премиера* | ФР~У x MOT
27/11/2020 online (гостување од Хрватска) 20:00 Ајхман во Ерусалим | Загребачко казалиште младих
28/11/2020 МКЦ 18:00 Херои 4:33 *премиера* | Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“- Велес
28/11/2020 Универзална сала 19:00 Универзална во пламен – трагедија во шест декади *премиера* | ФР~У x MOT
29/11/2020 МКЦ 18:00 Херои 4:33 *премиера* | Театар „Ј. Хаџи-Константинов Џинот“- Велес
29/11/2020 online 19:30 Три сестри и Наташа П. | Артмедиа x НОБ
29/11/2020 online 21:00 Илузии | Wonderland Theatre
30/11/2020 online 19:00 Иднината е приватна | Пресврт
1/12/2020 online (гостување од Словенија) 21:00 Спроти нештата | Словенско младинско гледалишче
2/12/2020 online 19:30 Кожурец | Артопија
3/12/2020 МКЦ (гостување од Србија) 18:00 Лоунли Пленет | Aтелје 212
3/12/2020 МКЦ (гостување од Србија) 20:00 Лоунли Пленет | Aтелје 212