(Од нашиот специјален известувач од Мадрид,            Наташа Доковска)

 

 

На самиот крај од првата недела од Самитот за клима на ОН, COP 25 што се одржува во конвенционалниот центар ИФЕМА, во во Мадрид (РЕУТЕРИ) се чини дека нема многу што за фалење. Овде, на шега, преговарачите и активистите за клима знаат да кажат дека Грета Тунберг доаѓа, но полека, алудирајќи на тоа дека нејзините напори за борба против климатските промени се наслушуваат, но не во целост. И дека нејзиното време допрва доаѓа

Од друга страна пак, и навистина младата шведска активистика се очекува утре да стаса во Мадрид откако пред повеќе од еден месец тргна на пат за Чиле, каде првично требаше да се одржи Конференцијата за климатски промени на ООН, попознат како COP 25. Таа сега се враќа од Чиле за да учествува на маршот закажан за утре, 6 Декември, во Мадрид, но со едрилица, а не со авион, како би алармирала на големото загадување и од авионскиот сообраќај. Таа, најпрво ќе стигне до брегот на Португалија, а оттаму до главниот град на Шпанија треба да стаса со воз.

Но, она што овде останува забележано е дека работите се движат многу побавно од што се очекуваше и дека надежите за било каков договор од Мадрид почнуваат да стануваат недостижни. Самитот кој се одржува во Мадрид, откако првично Чиле одби да биде домаќин поради политичката криза во земјата, многуминаго нарекуваат технички состанок, поради кусото време на смена од едно место на друго, иако секоја држава имаше доволно време за подготовка без разлика на местото на одржување на Самитот. Целта на Парискиот договор за климата, на која секоја земја се обврза и вети дека ќе го исполни, треба да биде потранспарентна и пред се споредлива  и треба да покаже некаков резултат. Во недостаток на конкретни резултати и препораки, многумина овде се прашуваат дали е можен нов договор за клима?! Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, неколку дена пред почетокот на конференцијата рече дека од клучно значење е сите – држави, приватниот сектор, претставници на економијата и граѓанскиот сектор – да објаснат дали сакаат сериозно да ја надминат сегашната состојба, бидејќи таа не е одржлива.

Oткажувањето на САД

190 земји-членки на ООН се обврзаа на Париската конференција за климата. Во тоа време, државите се обврзаа да обезбедат дека до 2100 година затоплувањето не треба да надминува 2 степени или подобро уште 1,5 степен на затоплување во однос на прединдустрискиот период. За таа цел, сите земји мора да ги подобрат своите планови за заштита на климата. Научниците предупредуваат дека климатските промени се случуваат побрзо од очекуваното. Но, дали ќе се постигнат поамбициозни цели во Мадрид, е прашањето што сите ги мачи. Досега, само мал број на земји во Африка и Азија ветија поголема заштита на климата. На почетокот на ноември, американскиот претседател Доналд Трамп, кој не верува во климатските промени, реши да се повлече од Парискиот договор за климата, иако тука во  IFEMA сепак се присутни со голем простор за презентација на нивните активности.

За жал ниту во наредните години не може да очекуваме климатски импулси ниту од САД, кои претседаваат со Г-7, ниту од Саудиска Арабија, која претседава со Г-20, или пак  од  Бразил, чиј десничарски популистички претседател Јаир Болсонаро не е меѓу оние кои ја штитат климата.

Надомест за загуби и штети?

Организациите за животна средина се надеваат дека ќе се постигне напредок на тема што досега не е доволно застапена: да се компензираат претрпените штети и загубите пред се кај сиромашните земји. Активистите кои навиваат за компензацијата сметаат дека богатите земји се среќни што се избегнува оваа тема затоа што се плашат дека ќе треба да дадат бланко-чек за сите климатски катастрофи кои катадневно се случуваат и напаѓаат некоја од сиромашните земји кои пак тешко се справуваат со „климатските напади“ и успеваат да се вратат на нозе по природна непогода или екстремно време.