Повеќе од 100 светски лидери на Конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите и деградацијата на земјиштето до крајот на деценијата. Лидерите ветија и дека ќе инвестираат 19 милијарди долари во заштита и обновување на шумите, наведува агенцијата Ројтерс.

Заедничката декларација, меѓу другите, ја поддржаа и лидерите на Канада, Бразил, Русија, Кина, Индонезија и Демократска Република Конго, земји со околу 85 отсто од шумите во светот. Меѓу потписничките е и нашата држава, а целата листа може да се најде тука.

Декларацијата за шуми и користење на земјиштето, која беше поддржана од лидерите, се однесува на шуми кои зафаќаат повеќе од 33 милиони квадратни километри, соопшти кабинетот на британскиот премиер Борис Џонсон.

„Ќе имаме можност да ја завршиме долгата етапа од историјата во која човекот е освојувач на природата и наместо тоа да станеме нејзин чувар“, рече Џонсон.

Шумите апсорбираат околу 30 отсто од емисиите на јаглерод диоксид, според непрофитната организација Институт за светски ресурси. Шумите извлекуваат штетни гасови од атмосферата и на тој начин го спречуваат затоплувањето.

Сепак, овој природен тампон брзо исчезнува. Светот изгуби 258.000 квадратни километри шуми во 2020 година, според иницијативата на Светскиот надзор на шумите, која го следи уништувањето на шумите.

Според договорот, 12 земји, вклучително и Обединетото Кралство, ветија дека ќе обезбедат 8,75 милијарди фунти јавни средства до 2025 година, за да им помогнат на земјите во развој, вклучително и напорите за обнова на деградираното земјиште и борбата против шумските пожари.

Повеќе од 30 инвеститори од приватниот сектор ќе обезбедат уште најмалку 5,3 милијарди фунти. А.Р.