*Да се биде столб и прв човек на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ е чувство и искуство кое го знаете само Вие. Условите за работа не постоеја, Вие ги создававте сиве овие изминати години целосно ориентирани кон децата, сами против востановени правила и шаблони на однесување, предрасуди, дискримицации, институции, празнини во законот, и згора на сè и менталитетот на средината во која живееме, како општество во транзиција. МЕЃАШИ е омеѓена со меѓниците на Вашата борба за детските права, оставате вредности зад Вас, и траги. Што Ве поттикна на оваа голема борба, дали можеби тоа што и самиот сте родител?
-На почетокот бевме три столба − Горде, Коле и јас, како времето изминуваше се вградуваа уште столбови во ова светско детско движење наречено Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ, која ги застапува децата и се бори веќе 30 години за поправеден свет за децата. Кога веќе ме повикувате на чувството и искуството кое го искусив сите овие 30 години, може да нагласам дека не можеш да изградиш нешто значајно и движечко само ако сакаш, ако си посветен и веруваш во тоа што го правиш. Туку, упорноста и храброста се, исто така, важани за да се видат контурите на градбата, од самиот почеток и во првите неколку години. Сега кога ќе се осврнам наназад, морам да признаам пред себеси дека сè мора да се заработи, преку работа, верба, упорност и чесност. Кога силно нешто посакуваш и веруваш во тоа што го правиш, и Универзумот е со тебе. Промените не се случуваат преку ноќ. Треба силно да се залагаш, да си мобилен, жилав кон нападите и ударите и да излегуваш посилен од секоја претходна битка. Одбраната и борбата за поправеден свет за децата не е само тешка, туку и инспиративна. Предизвикот го почувствував како можност да бидам двигател и лидер во ова големо светско движење наречено Прва детска амбасада во светот. Претпознатилва и призната насекаде во светот. Тоа е столбот на успехот. Сè друго се надоврзува, надополнува, менува и движи. Тука сме и постоиме затоа што сме потребни. Често се шегувам кога велам дека ако оваа амбасада, прва во светот, чие срце е во Македонија, не постоеше, требаше да се измисли. А, бидејќи постои и континуирано се докажува, твори, создава, истата треба несебично да се поддржува и помага. Во еден од прирачниците на УНИЦЕФ, авторката г-ѓа Сју Гилберт напиша: „Македонија е позната по правата на децата, бидејќи таму е формирана Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ“. Условите кога започнавме за помош и поддршка на децата погодени од војната во поранешна Југославија беа тензични, војната започна. Гордана Пирковска Змијанац, која е иницијаторка и основачка на Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ, упати апел за згрижување на децата погодени од војната. По нејзиното силно инсистирање, уредникот Љубиша Николовски ѝ дозволи на ударните вести на Македонската телевизија да упати апел на солидарност, за помош и згрижување на децата погодени од војната. Апелот стигна до македонските граѓани. И така почна сѐ. Тоа беше на 12 април 1992 година. Додека Гордана беше на МТВ, јас бев дома, го снимав тој апел, телефонот непрекинато ѕвонеше, ги регистрирав сите повици и барања од граѓаните да згрижат дете во своите домови.Тоа беше вистинска солидарност и хуманост на дело. Ние така и започнавме, како неформална граѓанска иницијатива. Поради тоа што ги разбранивме и мобилизиравме сите државни институции и баравме да се отворат детските одморалишта, хотели и слично, сфативме дека мора да се формализираме и основаме. На 29 април го имавме Основачкото собрание во Пионерскиот дом „Карпош“, а официјално се регистриравме како граѓанска организација, тогаш во Министерство за внатрешни работи, дури на 25 мај 1992 година. Инаку, главниот мотив, инспирација и поттик во оваа борба ја црпам и од моето детство. Сум растел во услови на социјална, воспитна неправда и занемареност. Сум растел во семејство со самохрана мајка. Сум растел во дисфункционално семејство. Условите беа тешки. Да не кажам на граница на сиромаштија и социјална неправда. Но, тоа за мене како личност значеше голем предизвик − или да станам посилен или да се скршам. Ја избрав борбата за правда и таа ми е водилка сите овие години во мојот живот. Таа ми е животната енергија, мисија и визија. Знам дека не случајно сум се родил и имам задача нешто да направам. Барем малку да се сменат и подобрат нештата. Неправдата ме погодува. И затоа често сум и бунтовен, гласно говорам за истата и не се плашам да го кренам гласот. Мојот глас е одглас на милиони деца.Така се бодрам и влегувам од една во друга битка. Знам дека е тешка, мачна, неизвесна, но чекам, трпелив сум и ги следам и најмалите промени како голем исчекор напред кон поправеден свет за децата.
*Суптилно е да се работи за правата на децата, пред сѐ треба да се познава целиот Закон како и механизмите на неговото функционирање во реалноста. Воедно, нималку лесно, бидејќи живееме во услови во кое општеството наместо да олеснува, пружа отпор кон граѓанинот и неговите потреби, нарушени се многу права, а многу деликти врз деца се прикриваат добро организирано. Ве плашеше ли сиот тој отпор, сета таа ситуација околу Вас која создава приклештеност, Ве обесхрабруваше ли на моменти?
-Некогаш чувствувам дека нашата работа тапка во место. Тоа е првичен впечаток. Има унапредување на одбрана на правата на децата, но државните институции некогаш како да си ја префрлаат одговорноста едни на други. Не се доволно ефикасни и мобилни, не спроведуваат превенција од насилството навреме, санкционираат само тогаш кога ќе има случај на инцест или смрт, што е задоцнета мерка. Степенот на злоупотреба на децата во Македонија е постојано во пораст, а тоа се должи на агресивноста, осаменоста и отуѓеноста на децата, тие се сѐ повеќе препуштени сами на себе. Прво што е најбитно е што го скршивме молкот на страдањата на децата, јавно проговоривме за сите проблеми со кои децата во Македонија се среќаваат, а за кои порано беше срам и страв да се зборува, ги охрабривме децата да говорат за насилството, да нѐ препознаат како заштитници на правата на децата, како нивни застапници. Секако, имаме инструменти, индикатори, како да стигнеме до информации со проблемите со кои децата се среќаваат. Во 1993 година го отворивме СОС-телефонот за деца и млади, сега познат како „Ало, Бушавко„ 070 390 632 . Оваа линија за деца функционира 29 години, на него досега се имаат јавено над 21 000 деца, родители, старатели, најблиски, да пријават злоупотреба на децата, насилство, прекршување на детско право. Ние ги користиме нашите механизми да се спротивставиме и често со помош на медиумите вршиме притисок, некогаш знаеме да бидеме гласни и повеќе од што можеби се очекува од нас, државните институции да ги ставиме во максимална функционалност и ефикасност, во одбрана на правата на децата. Да го почитуваат најдобриот интерес за детето. Мотото на Детската амбасада МЕЃАШИ е „Сите идеали на светот се помалку значајни од солзите на едно дете“.
*Се покажа дека за да се подобри едно право на некое дете или барем да се почне со промена, за жал, треба да се види или доживее најлошиот пример или случка. Ништо не можеме отпосле да направиме со тие тажни и поразителни факти ни со црни статистики, но можеме на нивни темели и на база на извлечена поука да изградиме поправеден детски свет.
-Во борбата за поправеден свет за децата урнавме многу табуа, стереотипи, отворивме и инициравме решавање на многу проблеми кои ги засегаат децата, дадовме приоритет за важноста на почитување на детската личност и нивните најдобри интереси. Го урнавме молкот на страдањето на децата од сексуална злоупотреба, од физичко насилство, за проблемите кои ги имаат кога нивните родители се разведуваат, од тагата поради тајноста на посвоените деца да немаат пристап до нивните биолошки родители, од секојдневните проблеми со кои се среќаваат децата, од меѓуврсничкото насилство, од тоа дека сѐ уште има деца без извод од матична книга на родените, деца чиј труд се злоупотребува, деца кои не се вклучени во основното образование или се спречени да го завршат. Но, она што најмногу загрижува последните години е загадувањето на воздухот и канцерогените честички кои ги дишат децата. Загадувањето на воздухот е еден од главните фактори за смртност кај децата, бидејќи тој воздух трајно ја преминува границата меѓу крвта и мозокот и трајно го оштетува детскиот мозок во развој. Поради негрижата и отсуство на мерки против екстремно загадениот воздух во Македонија на децата им е прекршено, загрозено најелементарното право – правото на живот според членот 6 од Конвенцијата за правата на дететот којашто ја ратификува Република Македонија во 1993 година.
*Вие бевте скенер и со Вашата работа го изнесовте на виделина фактот дека, всушност, децата не се девијантни кон општеството, туку дека сосема испревртено општеството е подевијантно кон нив. Дека нивното е, всушност, само одговор на неодговорното однесување на возрасните и дека сите заедно сме одговорни.
-Општеството и институциите на државата често се девијантни кон децата. Наместо да им бидат поддршка и помош, често постапуваат спротивно на нивните потреби и интереси. Многу често кога не постапуваат соодветно или постапуваат погрешно, државата нема механизам за санкционирање на одговорните, туку напротив ги штити. И така само проблемите се продлабочуваат, а државата и институциите стануваат соучесници на нефункционалност на системот. Има многу примери во пракса. Отуѓувањето на детето од родителот е девијација на возрасните и општеството и таквото директно и неодговорно однесување го погодува правилниот раст и развој на детето. Тешко е од дисфункционални и нарушени поранешни брачни односи по напуштање на брачната заедница родителите да бидат учесници во функционално и одговорно родителство. Заедничкото и одговорно родителство и по развод треба да е насочено кон она што е најважно, а тоа е најдобриот интерес на детето. Детето не треба да се чувствува дека е виновно за разводот и треба да живее нормален живот, добивајќи го вниманието од двата родители подеднакво, бидејќи разводот на брачната заедница е престанок на бракот, но не и престанок на родителството. Мајката и таткото се подеднакво важни и значајни за правилниот раст и развој на детето и тоа во никој случај не треба да се става во ситуација да избира. Разводот е престанок на брак, не престанок на родителство, на детето му е потребна љубов од двајцата родители при процесот на растење во здрава индивидуа за да се избегнат девијантните појави во адолесценцијата. Детето не е виновно за настанувањето на разводот и не смее да чувствува никаква грижа на совест.
*Општеството навистина ги проголтува детските права. Најмладите како да се најдискриминирани и нема како да се бранат од возрасните, освен ако не им помогне некој возрасен. Младите треба да знаат дека постои решение за нивниот проблем, иако им изгледа како цел свет да се срушил врз нив. Вие тоа го посочивте низ бројни ангажмани и кампањи. Што посебно би издвоиле?
-Живееме во целосно поделено општество по етничка, социјална, образовна и каква било основа. Живееме со груби и агресивни, насилни однесувања кон оние поразлични од себе. Живееме во сегрегирано општество во кое учениците од различни етнички заедници учат во посебни училишта. Иако зборуваме секој на својот јазик, сепак ретко се разбираме кога треба да градиме доверба, заеднички вредности и живот. Токму затоа решивме да стартуваме со кампања „Поттикни мир“, да ги раздвижиме нештата и да бидеме дел од промената, делувајќи индивидуално и како граѓанска организација, и на колективно ниво. Притоа, да побараме од државата да биде помобилна во однос на она што го бараме од неа, да негува, гради и промовира вредности како што се емпатија, солидарност, одговорност, дијалог и ненасилство.
*Генерално голема неправда е − децата со своето постоење го обојуваат светот со најтопли и највесели бои, а светот не ретко знае бесрамно да го обојува нивното детство во најтемни, сиви, тажни бои, во бојата на солзите. Сите треба да го менуваме односот кон децата и задолжително да се едуцираме за нивните права. И во таа насока сторивте многу. Што е највредно во сето тоа?
-Една од најтешките трауми која може да му се случи на дете е сексуалната злоупотреба. И за оваа траума некогаш се молчи долги години. Но, ние го кренавме гласот и јасно и гласно проговоривме за овие трауми кои ги трпат децата и баравме решенија. И превентивни, но и казнени. Силното застапување, залагање и лобирање на Првата детска амбасада МЕЃАШИ за построго санкционирање на сексуалните злосторници, родосквернувачи, педофили, посебно кон деца под 14 години вродија со плод, од четири препораки три беа прифатени и мислам дека на овој начин има можност оваа патолошка појава да се стави под контрола, особено за рецидивизмот. Она што се залагавме беше прифатено, медикаментна терапија или хемиска кастрација, минимум 15 години казна затвор, но не прифатија носење на електронски алки откако педофилот ќе ја напушти институцијата затвор. Сметаме дека хемиската кастрација треба да биде задолжителна како мерка, особено за рецидивистите и тоа да се воспостави веднаш по напуштање на институцијата затвор и на педофилот на тој начин ќе му се помогне да не го повтори делото, бидејќи Детската амбасада се залага за секој повторен случај, доживотна казна затвор. Ова не е телесно казнување, бидејќи се делува на психата, односно психичкото растројство што го има педофилот бидејќи тој не е способен да го контролира нагонот и либидото и на тој начин сметаме дека му помагаме и на педофилот, а воедно и на децата, да не се повторуваат овие дела.
*Сите вие од Амбасадата имате искуство во сите правци, длабоко, широко, долго, и секој од вас може да напише по една дебела книга од искуствата. Потсетете се кој Ви беше најтежок момент во сите овие 30 години, а кој најсветол и најголема гордост?
-„Девојчето паднало на сукало и ја изгубило невиноста“, вака некако заврши случајот на тогаш деветгодишното девојче, силувано од пријател на мајка ѝ. Случај затворен! Во случаи на сексуални деликти, постапката за утврдување потекло на повредите не може да ја прави гинеколог, туку исклучиво лице од судска медицина кое е за тоа стручно. Но, тогаш никој не го пријавил случајот во судска медицина, каде што доколку имало случај на силување, тоа ќе било откриено поради спецификите на повредите. Интересен е податокот дека двете повреди кои ги констатирал гинекологот не можеле да настанат од еден пад, па дури и врз неверојатното сукало, туку биле направени во најмалку два наврати. Значи, случајот е затворен, нема ниту осомничени, ниту обвинети. Македонија ќе остане единствена земја во светот каде „од пад на сукало се губи невиност!“. Потоа, помогнавме на илјадници деца погодени од војната во поранешна Југославија, одговоривме на предизвиците за спасување и евакуирање на децата од Босна и Херцеговина и ги згриживме во Македонија. Одговоривме на косовската криза и работевме со децата во камповите во Радуша, Бојане, Чегране, Стенковец 1 и 2 во периодот 1999 и 2000 година. За време на конфликтот во Македонија во 2001 г. отворивме Прифатилиште за внатрешно раселени лица и згриживме 16 лица, тие во периодот од пет години беа згрижени во Детската амбасада МЕЃАШИ. Тука ни се родија и три бебиња − Александар, Марија и Никола. Одговоривме на мигрантската криза. Имавме хуманитарна брза акција за помош на децата од поплавата во Скопје, на децата пребегнати од Сирија, а згрижени во Турција. Исто така, соодветно одговоривме со хуманитарна помош за време на пандемијата од Ковид-19 со дистрибуција на помош до соодветни институции со снабдување на скафандери, ракавици и маски…
*Поместувавте еден свет од внатре кон надвор, од невидливо кон видливо, поттикнувавте промени. Шетајќи наназад низ времепловот, се гледа колку вашата работа е донкихотска која на крај кога ќе се собере, пак дава поинаков ефект и заклучок дека ништо не било бесцелно. Дека МЕЃАШИ станал „морален“ дом на секое дете, босо, гладно и страдно, но и на она што има покрив над глава, а сонува за повисоки цели… Дека МЕЃАШИ станала како школа за трансформација кон демократија и детските права и успеала да наметне многу позитивни промени. *Вредеше ли трудот?
-Државата е повеќе насочена кон законските измени и што законските норми предвидуваат, а помалку или во одделни делови воопшто не се споменува како тие законски одредби се применуваат во пракса. Нема воспоставен систем на следење како законите се спроведуваат, ниту има информација дека е направена соодветна анализа колку средства се потребни за спроведување на законите. Пропустот во заштитата на детските права најчесто настанува при спроведувања на законите, а во одредени случаи тоа се случува поради законодавни празнини и несоодветно регулирање на одредени прашања. На пример, има закони каде што е предвидено дека детето има одредено право, но притоа не се прецизира како детето може да го оствари тоа право, во која постапка, пред кој орган и во согласност со кој закон. Ваквите законски решенија се неприменливи во пракса и наместо да претставуваат унапредување на правата на децата, тие претставуваат дополнителна пречка. Но, да! Вредеше трудот. Детската амбасада не само што стана школа за трансформација кон демократија и детските права, туку и го јакне и поттикнува детскиот активизам и учество. Имено, Македонија е една од ретките земји во светот која успеала по вторпат да подготви Алтернативен извештај за состојбата со правата на децата во Македонија – од перспектива на децата. Истиот да го достави, презентира и брани пред членовите на Комитетот за правата на детето при ООН. Децата наведуваат дека секојдневно се жртви на различни форми на насилство, помеѓу кои најзастапено е врсничкото насилство и потенцираат дека училиштата треба да направат многу повеќе за едукација на децата за спречување на овој вид насилство. Ги посочија проблемите во образованието, кои се бројни, вклучувајќи го и слабиот квалитет на наставата, недоволната грижа за хигиената, несоодветните услови за децата со попреченост и недоволната грижа за менталното здравје на децата. Но, сметаат дека загадениот воздух, особено во зимските денови, како и дивите депонии, фабриките во близина на населените места се дел од еколошките проблеми со кои се соочуваат децата и сметаат дека за истите не постои ниту доволна свест, ниту доволна грижа од државата. За одговорност и кривично гонење да не зборуваме. Наведоа многу други проблеми со кои се среќаваат децата. Очекуваме наскоро да стигнат конкретни препораки од Комитетот за правата на децата. Но, и конкретно нивно спроведување и реализација од државата Македонија. Тука ќе има уште неопходен наш ангажман, затоа што во секој извештај досега многу проблеми со кои се среќаваат децата, а се забележани во извештаите упатени до Комитетот, се повторуваат.
*Вредниот тим на Амбасадата, чиниш како со чингелаќе, мошне нежно и внимателно исплете мрежа од детските права. А, со беспоштедната упорност направивте луѓето сè повеќе да сфатат дека детските права не се едно или две и дека нема доза во која треба да се остварат детските права, туку тоа треба да се прави до последен процент. И нешто и да се среди, секогаш се јавуваат нови права кои ги заслужуваат наследниците на светот. *Според Вас лично, кое е првото најнеприкосновено и врховно право на секое едно дете, каде било и да се наоѓа на Планетата?
-Правото на здрава животна средина. Право на живот. Најпогодена популација од аерозагадувањето се децата. Загадувањето на воздухот има штетно влијание врз здравјето на децата. Негативните ефекти од аерозагадувањето врз децата почнуваат уште пред нивното раѓање. Загадениот воздух којшто го дишат бремените жени, може да доведе до оштетување на плодот и неговиот развој. Загадениот воздух влијае и на намалена телесна тежина при раѓање, предвремени породувања, разни аномалии кај новородени деца чии мајки биле изложени на загаден воздух во текот на бременоста. Децата кои дишат загаден воздух, имаат зголемен број на инфекции на горните и долните дишни патишта. Како резултат на честите инфекции на органите за дишење може да настанат трајни оштетувања на белите дробови и хронични болести кои ги носат целиот живот, како астма, алергии, хроничен бронхитис. Како резултат на загадениот воздух се јавува и пореметување во развојот на централниот нервен систем кај децата, промена на имунолошкиот систем, појава на малигни болести. Аерозагадувањето директно ги погодува децата и нивното право на живот. Имено, според податоците на Светската здравствена организација, повеќе од едно на секои четири смртни случаи на деца под пет години е директно или индиректно поврзано со изложеност на децата на аерозагадувањето. Децата се особено ранливи на штетните ефекти од загадувањето на воздухот. Децата вдишуваат поголема количина на воздух, а со тоа и поголема количина на штетни супстанции.
*Што уште би порачале?
-Во наредниот период планираме да се насочиме кон остварувањето на следните долгорочни цели на организацијата како што се почитување и разбирање на правата на децата и детската личност; промовирање и унапредување на културата на мир и ненасилство уште од најрана возраст кај децата, мобилизирање, актуелизирање и преземање иницијативи и акции за добробит на децата; заедничко и одговорно родителство и по развод, децата да имаат право да си ги дознаат своите биолошки родители, право на здрава животна средина и чист воздух и борба во мобилизирање и градење на функционални институции кои постапуваат во најдобар интерес на децата.
******
Интервјуто го водеше Валентина Ѓоргиевска авторка на Монографијата 30 години МЕЃАШИ 1992-2022
Монографијата можете да ја прочитате на следната страна bit.ly/3MuRkxa