Европската комисија одлучи да создаде стратешки резерви на медицинска опрема како респираторни вентилатори и заштитни маски за да им помогне на земјите од ЕУ за време на пандемијата со КОВИД-19.

Европската комисија соопшти дека ова е првото воспоставување на заеднички европски резерви на итна медицинска опрема.

Залихите вклучуваат медицинска опрема за интензивна нега, како што се вентилатори, опрема за лична заштита како што се маски за повеќекратна употреба, вакцини, лекови и лабораториски материјали.

„Ова ќе им користи на сите наши земји-членки и на сите наши граѓани. Меѓусебната помош е единствениот пат напред“, вели претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

Европската комисија забележува дека воспоставувањето залихи на медицинска опрема е начин да ги поддржат земјите-членки побрзо и поефективно во случај на недостаток на опрема потребна за лекување на заразени пациенти, заштита на здравствени работници и да помогнат во забавување на ширењето на вирусот.

Земјите-членки во моментов се во процес на набавка на заедничка опрема за заштита, респираторни вентилатори и предмети за тестирање на коронавирус.

„Овој координиран пристап на земјите-членки дава силна позиција во преговорите со индустријата за достапноста и цената на медицинските помагала“, вели комесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчиќ. А.Р.