Грл! Ова беше првиот отпеан збор од песната „Proud“ со која синоќа македонската поп пејачка Тамара Тодевска скрши едно со години непробојно стакло преку кое ги гледавме вкусните овошки, кои ги вкусуваа само оние кои влегуваа во финале. И не само тоа, по прв пат по самиот влез ние неколкуте новинари бевме интервјуирани од странски колеги со најсериозен и одушевувачки тон: Победувате, нели?

Да, победуваме, сега веќе се е  можно!

Имено, како и што се очекуваше по нејзиниот моќен настап на пробите, таа синоќа на второто полуфинале со песната „Proud“ и ултра одличната изведба ги освои симпатиите на Европејците, се пласираше во финалето и го очекува најдоброто. Радоста и возбудата си го сторија своето, никој од македонската екипа не остана без солзи радосници во очите, гледајќи ја реакцијата на присутните новинари, кои без глас го следеа секој нејзин настап. Нејзината песна, отпеана за ќерка и Хана, е во авторство на Дарко Димитров, Лазар Цветковски и Роберт Билбилов, а текстот со премногу силна порака е на Коста и Сања Петров. Самиот наслов „Proud“ е сфатен двосмислено, од една страна како обраќање на мајка горда нa својата ќерка, од друга ЛГБТ заедницата тука го искористи овој збор кој кореспондира и со нивното лого во борба за нивните права – Proud.

Тамара отпеа на англиски јазик во придружба на Антониа Гиговска, Александра Јаневска и Васил Гарванлиев, а креацијата во која настапи ја направи Александар Ношпал. По влезот во финале рече дека е горда и дека се надева оти и македонската публика е горда на успехот и изведбата.

Настапува во сабота во првиот дел и освен што успеа да се пласира, во секој домен оставаше впечаток, се беше тимски добро организирано, а со самото тоа што МТВ за прв пат годинава ангажира професионална ПР агенција веќе ја оформи приказната, ги затвори вентилите каде прокапуваше.

Тамара ќе пее утревечер, повторно во салата „Експо Тел Авив“, покрај претставниците на Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино, Словенија, Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија, Малта, Франција, Шпанија, Велика Британија, Италија и Израел, а најславната пејачка на светот Мадона ќе ја видиме во шоуто со две песни.

Се надеваме повторно на најдоброто, грл!