На 12.6. (сабота), АП(о)ТЕКА МКЦ и Corpus Delicti во периодот од 12:00 до 17:00 часот, ќе организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод International Record Store Day 2021 (Celebrating The Indie Record Store) !!!

Во светски рамки, овој интернационален „Ден на независните музичките продавници“ се одржува од 2007, а овде во Македонија, таа убава традиција годинава ќе се организира по четврти пат.

Следејќи го генералниот концепт на прославата и „Record Store Day Macedonia 2021“ има свој „Ambassador“, промотер на овој настан. Оваа чест секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија (пред сѐ винилите) како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници. Водејќи се од овие основни начела, честа да биде македонски Амабасадор на овогодишниот македонски Record Store Day, му е доделена на Александар Петрушевски (Пепе, Alex Dust). Неговото име, во изминативе 6 години, се појавува испишано на 18 винилни изданија (и реобјави) издадени во Европа и Австралија. Тоа го прави еден од ретките македонски музичари, кои со своето творештво имаат оставено печат на повеќе од 10 музички изданија, објавени на винил (албуми или синглови). Уште поинтересно е што овие објави се во најголем дел со само еден бенд, Disease, и со по едно од Defekt и Angza.

Патем, факт што не e толку важен за конкретниов настан, но е потег вреден за секаква почит, e потписот што го има ставено зад најдолгата европска турнеја што еден македонски бенд некогаш ја има отсвирено. Турнеја долга нешто помалку од три месеци, со концерти кои Disease ги свират во дваесетина европски држави, ден за ден.

Само за потсетување, во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, а во 2019 на Стојче Цветановски. Во 2020, поради Корона-кризата, настанот не се организираше.

-Годинава, по четврти пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест, “Worldwide Record Store Legend”, за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници. Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска “Worldwide Record Store Legend”, треба да му припадне на професорот на правниот факултет во Скопје – Гордан Калајџиев, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските, но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе три години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018) и Бранислав Димитров-Бране (2019) – се вели во соопштението.

Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот “Record Store Day Macedonia 2021” ќе биде одбележан и со промоција на винил, кој иако не е изготвен како RSD Exclusive Release, сепак ќе биде промовиран на овој славенички ден. Се работи за винилно издание, кое е сосема уникатно во целата македонска дискографска историја. Албум со само една песна, но во 9 различни изведби од македонски артисти, компилацискиот албум “НИЕ СМЕ ОД СКОПЈЕ”, во издание на PMG Recordings.

Целиот славенички настан ќе биде поддржан со DJ сетови на ТЕА ШАЛДЕВА и ТОМЕ ROOTBOY, но и концертни настапи на DISEASE и КАНТОН 6.

Веќе се подразбира и можноста за купување винили од АП(о)ТЕКА, со специјален попуст за тој ден од 20%.

Истовремено, се упатува  повик кон сите македонски издавачи да изнесат дел од своите изданија на продажба, на обезбедените пунктови на платото пред МКЦ. Доволно е само да се најават.