Капката што ја прели чашата

0
217
Пишува: Филип Спировски

Filip Spirovski_1На почеток на дваесетипрвиот век веќе видените методи за манипулирање со широките народни маси во една држава (или општество) достигнуваат кулминација токму на тлото на кое се раѓала свеста за слободоумност, етика и држава. Потценувачките настапи на одговорните (падре национ) во контекст на формирање на Влада (и овозможување на функционирање на државата) во Мк отвораат прозорци од кои погледот е свртен кон ѓубриштето на државата; сила и моќ без разум и разбирање.

И она малку што остана од меѓунационалниот соживот го буткаат кон амбис. Сите што имаат предрасуди кон соживотот со Албанците не гледаат подалеку од сопствениот нос. Не е срамота, напротив, должност е да се одвоиме со индигнација од приврзаниците на чиста нација, нација над сите MK uber ales. Не се проблем Албанците, за жал проблем е едноумието и фашисоидната верност кон лидерот.

Вредноста на добрите односи меѓу различните луѓе е прашање на доброто воспитување, на едукацијата и на искуството. Не сакам да сум дел од заулавената маса (на која патем речено и се знае бројот и е обележана без примена на гебелсовите методи за обележување), која работи на разнебитување на Македонија, а не е свесна за тоа. И тоа пропорционално со урлањето: колку се загрижени за нејзиното опстојување. Со ова разводенување на проблемот кој е евидентен: НЕМАМЕ ВЛАДА, НЕМАМЕ ИНСТИТУЦИИ, НЕМАМЕ СУДСТВО, институцијата претседател на МК се одважи да дополни: нема да имаме додека не избереме по „моја волја“!

Затскривајќи се зад општоприфатените услови зададени од постоечките закони и позитивната практика (кои се единствено светло за излез од тунелот) и божемното месијанско разоткривање на „лошите намери“ на избраните, Иванов ја прели чашата полна со гној, чемер и јад. Сигурен сум дека ќе бидеме сведоци на изливање на „вољата“ на божемсамоповиканите со единствена цел: да остане водата матна да може да фаќаме во матно. Но, незнам до кога. Мене веќе почна матно да ми паѓа пред очи. Следствено на онаа познатата: многу битанги заедно прават битангџиски работи – и многу мрак на очи прави темница!

П.С. Не ја гледајте широката слика, останете фокусирани. Од широката слика глава ќе ве заболи. Не сте научени да гледате светлина. Убавините не ви се во генот.