Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго
Се до синоќа мислев дека не може ништо да ја засени онаа кристална чистина и магична едноставност во етно изведбите на Елена Христова, чиј подем го следам од нејзината прва официјална стапка на бина, во кино “Фросина” 25 декември далечната 2005 година. Синоќа на Оффест добив изедначено чувство дека гласот и изгледот на Елена се тркаат од миг во миг кој ќе биде подоминантен и победник во трката.
И мислам дека ми беше вистинска одлука концертот да го проследам преку стриминг за се да “фатам” со око и уво, па ќе си земам за право овој пат да се осврнам на моментот стајлинг, а двете главни протагонистки знам дека ќе ми одобрат “најџентлменски”.
Елена Христова беше жива возбуда со онаа футуристичка креација.
Малку поспоредливо кажано, јас поубав модел немам видено ни кога Жан Пол Готие и го направи фамозниот корсет на Мадона.
Боите, занес!
Оцртувањето на облините (на едно совршено женско тело) ко цртани.
Сензација!
Екстраваганција без граници!
Моделот му даваше магичност на секое нејзино движење, бидејќи беше како лиен и таа просто се осеќаше како “во своја кожа”.
Од еден друг теоретски агол, јас преку тоа паралелно го гледав и доживував целосното созревање и трансформирање на оваа пошироко позната сценска дама.
Ако еднаш порано Елена ме одушеви и прашував кој и го искреира класично синиот етно фустан за првиот поголем концерт во Универзална сала ( самата таа), од причина што на етно музика не трпам модни импровизации и ретко се одушевувам на концертен стајлинг, синоќа се изненадив од себе си кога уште од прв момент си се прашав со истото прашање. Сметајќи дека моделот е донесен од некаде.
Автор е младиот Христијан Младеновски, чија менторка е Јана Манева Чупоска, позната креаторка, уметница и декан на Европскиот факултет за ликовни уметности во Скопје.
Е, па, Христијан Младеновски со Елена и Жан Пол Готие со Мадона 1:0.
Моделот одговара за феминистка. Феминистка во смисла на жена која не се трка и им се докажува на мажите “машки”, туку комотно и со неизвртоперен женски сензибилитет си го зазема своето суверено место, со полно право на тоа.
Да, токму моделот мислам дека синоќа ни ја прераскажа и целосната преобразба на Елена која низ годиниве од интерпретаторка премина во уметница со ворлд димензија, авторка, воина, хероина и двигателка на нештата. Етно жена од футуризмот. Затоа и толку добро и лесно се снаоѓаше во истиот .
Сцената е магија. Таа бара такво совршенство од спој на составот на елементите, кој или една и најмала и незабележителна ситница ќе го расипе, или ќе го засили и издигне . Синоќа на нејзиниот настап немаше ни секунда каде се нарушуваше тој баланс. Се се надополнуваше едно со друго. Гледав и навистина беше возбуда до плафон.
Моделот не треба да е во преден план и да привлече повеќе внимание од се, овој за кој зборуваме иако беше драматичен по својата фасцинантност тој не само што ја истакна убавината, туку ја истакна и принесе на ачик уметничката експресивност и здрава, интелегентна мисла и визија која природно извира од Елена. А уметност е да пронајдеш уметност во ситниците кои уметност значат.
Оффест, со заедничкото македонско етно на двете актуелни владетелки Д & Е понуди многу. Големо и префинето аудио-визуелно задоволство со Елена, веднаш по фасцинантната Добрила, која со Дориан не кренаа во лет и не предадоа во рацете на “Баклава” . Возвишено.
Двојна хипноза од убавини!
(P. S. За трансформацијата на Елена објаснето е и на следниов линк https://infedream.wordpress.com/2020/03/04/жена-автор-како-тоа-гордо-звучи/)
Фото : Сашо Алушевски