Неколку прашања во врска со “Охрид фест 2020”

0
445

Пишува:Валентина Ѓоргиева Парго

На 11 септември се одржа фолк “Охрид фест 2020” и еве неколку јавно упатени и адресирани прашања до организаторот на фестивалот, до директорот на фестивалот, до директорот на МРТВ, до медиумите, до радијата, до градоначалникот на Град Охрид, до Министерството за култура, до Здружението на Естрадни Уметници, со ЗАМП до УЈП, па дури и до Премиерот и Претседател на нашата земја.
Ова е фестивал кој трае долги години, бев присутна уште од првиот фестивал пред Палас. Основан е за да ја негува и прикажува охридската трубадурска традиција, и да ја афирмира современата македонска поп и фолк музика, а еден од основачите е легендата и слободно ќе речам крал на македонската забавна песна, од мене посебно почитуваниот господин Григор Копров.
Фестивалот го носи името на нашиот свет град Охрид, во него вложувале секој на свој начин, со цел да е гордост на современата македонска музика.
Иако годиниве наназад беше прикажуван на балкански медиуми, годинава (во скратена варијанта) дознав дека ќе се одржува, кога добив нотификација за пренос во живо од пробата, на официјалната фан на страницата која за жал не е доволно разработена и има некаде 1500 фанови.


  • Имаше 19 песни, некои фини, настапија и познати и не многу познати пејачи. Се пренесуваше на МТВ. Оваа година, по сила на околностите, сите наши пејачи и продуценти во своите студија имаат снимено песни, па очекував најдобрите од нив да ги слушнеме на некој фестивал, па и овде.
    Од листата, објавена на официјалната страница на фестивалот, од тие 19 песни, има неколку на директорот, Цане Петров, Горан Милошевски Бато, Јовица Каралиевски…
    Останува нејасно како се нашле дури осум текстови од Огнен Неделковски (????) , а истиот на една песна се потпишува и како композитор, и како организаторот тоа го дозволил????
    Останува нејасно кои се овие композитори? Ц. П. Дундарак, Горан Шарац, Петар Кан, Иво Горов (како аранжер го имам прочитано еднаш на Макфест во дамните осумдесеттите но никаде повеќе),…?
    -Ако се под псевдоними (и зошто?), како ЗАМП и на чија сметка им ги доставува парите за тантиеми, а истото ја прашувам и УЈП?
    -Директорот на МРВ како национален сервис на граѓаните, и уредникот , го прашувам дали реагираше во интерес на ова наше, еден вид јавно добро, кога претходно ја виде програмата дека само од еден автор има девет потписи, што е голема и безобразна узурпација за настан кој веќе има силен национален предзнак?
    -Медиумите кај напишаа за сево ова, да прочитаме ?
    – Радио водителите, па и другите новинари, кога треба да го претстават авторот на пример Дундарак, како успеваат да го најдат? Или барем податоци за него?
    -И последно прашање, овие непознати имиња, доколку сакаме автограм што е нормално во светот на естрадата, како да ги најдеме?
    Законот децидно не забранува, теоретски може и еден човек да направи цел фестивал, “уан мен шоу” , но етиката и моралот ( особено на јавните личности), професионалност, одговорност, еснаф, образ и срам, што беше тоа? 🤔
    П. С. За наградите не прашувам, честитам на тие што си заслужиле и си зеле по нормален пат