„Три нови драми“ од Венко Андоновски, „Бигор шарпланинецот“ од Ферид Мухиќ се двете нови дела од познатите македонски автори што деновиве ги објави Издавачкиот центар ТРИ.
Венко Андоновски, кој штотуку се закити со високата Толстоева награда, во својот драмски опус вклучи три нови драми – „Мачкина глава“, „Кузман Капидан“ и „Изрешетани души“, тематски различни, но слични според универзалната порака што ја носат. Се работи за неизведувани драмски текстови, освен „Изрешетани души“ кој годинава беше изведен на традиционалниот сценско-театарски спектакл „Големиот школски час“ во Крагуевац, Србија.
Ферид Мухиќ, пак, зборувајќи за пријателството со шарпланинецот Бигор, во филозофските раскази-есеи ги искажува своите најсуштински мисли за човечките односи, за верноста, за приврзаноста на кучето, кое може да биде многу подобар пријател од човекот. Според проф. д-р Ана Димишковска, оваа книга е „трогателна сага за нераскинливата поврзаност меѓу човекот и песот, која спонтано прераснува во метафизичка ода на пријателството“.
Овие книги се дел од библиотеката „ТРИ, четиринаесет“, едиција која Издавачки центар ТРИ ја посветува на домашните автори, одбележувајќи ја со бесконечната константа која зборува од името на незаменливата вредност на домашната литература.
Неодамна, пак, во издание на Паблишер беше објавена и книгата „Книжевни каталози“ од проф. д-р Марија Ѓорѓиева- Димова, која со своите нови гледишта за книжевната теорија одново толкува повеќе дела од македонската продукција. „Суштински упатена во стожерните подвижници на теориската мисла, таа со мајсторска вештина и со усет за нијансите ги чита и ги толкува делата“, вели Владимир Мартиновски.
Нови книги од Ферид Мухиќ и Венко Андоновски во издание на “Три”
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!