Првата самостојна изложба на Анита Палческа, насловена SkopjEmotion, ќе биде поставена во холот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од 1-30 ноември 2023, во рамките на одбележувањето на 78. годишнина на Библиотеката и празникот 13 Ноември. Настанот е дел од програмата на Град Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година.
“Скопје е дете во душата… движење во ритам… фокусиран, а исполнет поглед… живот под еден чадор… соѕвездие од светови… самување без осаменост… мост меѓу сите наши јас… чашка чаршиски муабет… ишарет од скриено ќоше…
и паралелна димензија во длабочината на еден излог…
Скопје едноставно Е!”, стои во најавата на настанот.
***
Анита Палческа е родена во Скопје, се школува, работи и живее во својот роден град. Сериозно се занимава со фотографија од 2008 година. Фокусирана е на изразување преку документарната фотографија, но работи и во другите жанрови. Уличната фотографија ја разбира како составен дел од своето секојдневие, забележувајќи ги настаните, луѓето и случувањата околу себе. Учесник е на повеќе меѓународни и домашни групни изложби, каде е добитник на повеќе признанија и награди. skopjEmotion e нејзина прва самостојна изложба, составена од 10 серии од фотографии направени во периодот 2011-2023 година, групирани со невидливи нишки од поврзани сеќавања, емоции и состојби низ кои поминуваме заедно со нашиот град.
-Драги другари, попатно подготвувајќи се, сфатив дека мојава прва самостојна изложба се совпаѓа, покрај мојот 50-ти роденден, и со мојот мал јубилеј, 15 години активно фотографирање, а и неколку јубилеи кои се одбележуваат во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“. Сe радувам дека сите поводи ни се совпаднаа, долго чекавме. Се гледаме на Први ноември во 19 часот, во холот на библиотеката, се обрати фотографката преку социјалните мрежи.
SkopjEmotion- прва самостојна изложба на Анита Палческа
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА!