Бајден ја повлече претседателската кандидатура

0
71

Американскиот претседател Џозеф Бајден најави дека ќе ја повлече кандидатурата за реизбор, кажувајќи дека тоа е во најдобар интерес на Демократската партија и земјата.

Одлуката на Бајден е објавена четири месеци пред изборите и по силните притисоци врз него од многумина во Демократската партија да не се кандидира, загрижени за неговите физички и ментални способности.

По дебаклот на телевизиската дебата со Доналд Трамп, кој е кандидат на Републиканската партија на ноемвриските избори, започнаа притисоците врз Бајден да се повлече.

„И додека мојата намера беше да учествувам на изборите, верувам дека е во најдобар интерес на мојата партија и земја да се повлечам и да се фокусирам исклучиво на исполнување на должностите на претседател до крајот на мандатот“, гласи пораката на Бајден.

Пред 15 дена, Бајден во едно интервју кажа дека само Господ Бог може да го убеди да се откаже од изборите.

Меѓутоа, пред неколку дена беше утврдено дека повторно е заразен со коронавирусот и мораше да ја прекине кампањата, што некои набљудувачи го оценија како елегантен начин да објави дека се повлекува од изборите.

По одлуката за повлекување, Демократската партија сега треба да избере нов претседателски кандидат, што би требало да се случи на партиската конвенција во август.

Џо Бајден ја поддржа Камала Харис за демократската номинација.

Потпретседателката Камала Харис, која веќе се наоѓа на изборната листа, е очигледен избор да го замени Бајден. Како потпретседателка на земјата, таа стана лице на кампањата на оваа администрација за заштита на репродуктивните права откако Врховниот суд ја поништи пресудата во случајот Ро против Вејд.

Харис се покажа како лојална соработничка на претседателот и енергично го бранеше неговиот настап на дебатата. По дебатата, призна дека претседателот имал „поспор почеток”, но тврдеше дека давал посуштински одговори од Трамп.

Луѓето можат да дебатираат околу поените за стил, но кога ќе се соберат изборите и кој е претседател на САД, сè се сведува на суштината – рече Харис за CNN во четвртокот навечер.

Името на Камала Харис е широко препознатливa поради фактот што е потпретседателка на земјата, но таа се мачеше со низок процент на поддршка во текот на целиот мандат. Четириесет и девет проценти од Американците не ја поддржуваат Харис, додека 39 проценти ја поддржуваат, според анкета спроведена од “FiveThirtyEight”.

На листата за можни заменици на Бајден има уште неколкумина

Гречен Витмер Гречен Витмер, гувернерка на Мичиген во последните два мандата, е сè попопуларна политичарка од Средниот запад за која многу коментатори предвидуваат дека ќе се кандидира за претседателка во 2028 година.

Таа во минатото водеше кампања за Бајден и не ги криела своите политички амбиции.

За Њујорк Тајмс изјави дека во 2028 година сака конечно да види припадник на генерацијата Икс на местото претседател, но не особено напоменувајќи дека таа би можела да биде таа што ќе ја преземе таа улога.

Таа во 2022 година ја предводеше кампањата по која демократите од Мичиген презедоа контрола над законодавството во сојузната држава и гувернерската резиденција.

Политичката контрола ѝ овозможи да спроведе многу прогресивни политички цели, меѓу кои е пристапот до абортус во државата Мичиген и усвојување на безбедносни мерки во врска со огненото оружје.

Гевин Њусом, гувернерот на Калифорнија, е еден од најтврдите сојузници на администрацијата на Бајден. Често се појавува на кабелските информативни канали фалејќи го Бајден.

Њусом има и свои политички амбиции.

Се спомнува како можен претседателски кандидат за 2028 година, но многу демократски коментатори нагласуваат дека би бил соодветна замена за Бајден.Њусом стекна поголема популарност во земјата последниве години, бидејќи беше клучен партиски гласник во конзервативните медиуми и преку дебатата против гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, минатата година.

Пит Бутиџиџ: Не е тајна дека секретарот за транспорт Пит Бутиџиџ има претседателски амбиции.

Се кандидираше за претседател во 2020 година и често го наведуваат како еден од најдобрите комуникатори на администрацијата на Бајден. Бутиџиџ решаваше многу јавни кризи за време на мандатот како секретар за транспорт.

Помагаше во организирање на помошта за време на реакцијата на владата на искршување на возот од шините во Ист Палестина, Охајо, рушење на мостот во Балтимор и кризата со распоредот на летовите на Southwest Airlines.

Џош Шапиро, Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, ужива голем процент на поддршка откако беше избран во 2022 година во „колебливата“ сојузна држава што Трамп за малку ја освои во 2016 година.

Гувернерот, кој претходно служеше како федерален државен обвинител, работеше за време на мандатот на прашања од интерес за двете страни.

Тој беше во националните вести минатата година откако брзо обнови срушен мост на клучниот автопат во Филаделфија – што беше огромна политичка победа за гувернерот кој го освои првиот мандат.

Брзото обновување многумина го пофалија како совршена инфраструктурна тема за потенцијален претседателски кандидат на изборите во 2028 година.

Џ. Б. Прицкер, гувернер на Илиноис, стекна популарност последниве години напаѓајќи го Трамп и бранејќи го Бајден. Овој бизнисмен милијардер – наследник на хотелскиот ланец Хаjат – не двоуми да го критикува Трамп на социјалните мрежи. По дебатата, Трамп го нарече „лажливец“ и изјави дека тој е „осуденик по 34 точки обвинение кој се грижи само за себе“.

Како и Витмер, Прицкер има историја на исполнување на целите од листата на прогресивните демократи по прашањето на правото на абортус и контрола на оружјето.

Списокот на потенцијални кандидати оди подалеку од овие демократи, бидејќи партијата состави долга листа на можни претседателски кандидати.

Ф. Спировски