Младата музичка ѕвезда Дорис Димовска-Ди блесна на Охрид Фест со песната ‘Нека свети'”

0
119

Вистинско освежување на овогодишниот Охрид Фест беше младата музичка надеж Дорис Димовска Ди, која ја исполни песната „Нека свети“, насловена од композиторот Глигор Копров, со текст од Весна Малинова и аранжман од Давор Јордановски. Спотот за песната е снимен од страна на Фабрика Продукција, а во него учествуваа професионалниот танчер Анди Исмаили и Марко Смилковски.

Дорис, иако млада, веќе е позната како учесник на повеќе фестивали, но ова искуство го смета за посебно. „Учеството на Охрид Фест ми беше предложено од самиот Глигор Копров. Првично ми беше понудена композицијата, која многу ми се допадна, а потоа го добив и текстот на песната кој исто така беше одличен. По разгледување на сите елементи, го прифатив предлогот за учество на фестивалот со новата песна, која ја снимавме во студиото на Глигор Копров со аранжман од Давор Јордановски,“ споделува Дорис.

Иако претходно учествувала на интернационални детски фестивали и online натпревари, Охрид Фест го смета за своето прво професионално искуство. „Морам да признаам дека ова беше сосема друго искуство, еуфорично, полно со импресии. Ова го сметам како мој прв професионален настап и отскочна даска во мојата музичка кариера. Бев многу среќна што ќе настапувам, немав трема, а на сцената дадов сè од себе за да се покажам во најдобро светло,“ вели таа.

Запознавањето со големи имиња како Дадо Топиќ, Лео Мартин и Кристијан Рахимовски оставило силен впечаток, но особено ја воодушевило запознавањето со Јелена Томашевиќ и Ана Петановска. „На фестивалот добив три награди: за најдобра интерпретација, за најдобар текст, и за најдобар аранжман. Како најмлад учесник, се чувствував како целиот свет да е во моите раце,“ вели Дорис.

Во спотот за песната, снимен од Фабрика Продукција, учествуваа и нејзиниот братучед Марко Смилковски на гитара и танчерот Анди Исмаили, победник на SuperTalent во Хрватска. Спотот е снимен на две локации: во Младинскиот културен центар и на крајбрежјето на реката Вардар. „Голема благодарност до Бени Шаќири за тоа што ни овозможи да ја користиме сцената и холот на МКЦ,“ завршува Дорис, која со нетрпение очекува идни фестивалски учества, за кои вели дека се уште е рано да ги открие.

Н.Д.