Нуклеарното оружје е подготвено за употреба, изјави Путин, доколку суверенитетот на Русија биде загрозен. Ваквите закани повторно го отворија прашањето: кои се најбезбедните земји во случај навистина да избие нова глобална војна?
На првото место на списокот, кој е составен по азбучен ред, не е држава, туку цел континент – Антарктик.
Вклучувањето на овој список е разбирливо само по себе: континентот нема автохтоно човечко население и веројатно не би бил цел на уништување.
Следна е Аргентина, која би можела да биде земја каде што голем број жители би преживеале глад по евентуална катастрофална нуклеарна војна. Во Аргентина има голема количина отпорни култури како пченица.
Трета на списокот е Бутан која, по приклучувањето кон Обединетите нации, ја прогласи својата неутралност, што во комбинација со тешко проодните планински венци, ѝ дава доза на безбедност.
Понатаму следува Чиле со најдолгото крајбрежје во светот, кое, исто како Аргентина, има голема количина на различни култури и природни ресурси.
Фиџи е петта на списокот – целосно изолирана островска држава во Тихиот океан со население од околу еден милион луѓе. Најблиската соседна држава е Вануату, оддалечена повеќе од илјада километри. Земјата е богата со минерали и риба, па би можела да биде добар избор за оние кои сакаат да се изолираат од остатокот од светот.
На списокот е и Гренланд, кој исто така не е независна држава, туку припаѓа на Данска. Многу е изолиран и политички неутрален, со население од само 50 илјади луѓе.
Следен е Исланд, кој редовно се наоѓа на врвот на најбезбедните земји според Глобалниот индекс на мир. Исланд е исклучително богат со свежа вода и други ресурси.
Покрај овие мали земји, осма на списокот е огромната Индонезија, со нејзините 270 милиони жители, која е тука поради својот неутрален статус. Земјата во последните 80 години следи независна надворешна политика и се залага за светски мир.
Деветта е Нов Зеланд, кој исто така е високо рангиран според Глобалниот индекс на мир. Планинскиот терен на Нов Зеланд нуди добро засолниште за луѓето во случај на евентуален напад.
Јужна Африка го најде своето место на списокот бидејќи е дом на голема количина разновидна храна и има плодна почва и свежа вода.
Швајцарија, исто така, е на списокот поради нејзината позната политика на неутралност која трае стотици години.
Последната земја на списокот е Тувалу, островска држава сместена во Тихиот океан со население од само 11 илјади луѓе.
С.Н.