Ветеринар открива: Пет раси на кучиња кои никогаш не би ги поседувал поради честите здравствени проблеми

0
42

Еден познат британски ветеринар, Алекс Кроу, неодамна објави видео на TikTok во кое сподели кои пет раси на кучиња тој никогаш не би ги поседувал, главно поради честите здравствени проблеми со кои се соочуваат овие раси. Според неговите искуства од клиниката, некои кучиња се посклони на разни болести, што предизвикува стрес и загриженост кај нивните сопственици.

Шар пеј
Оваа раса е позната по својата налабена кожа, што може да предизвика бројни здравствени проблеми, вклучувајќи инфекции на кожата и ушите поради тесните ушни канали. Шар пејот често има потреба од операција на лицето за да се спречи паѓањето на капаците врз очите. Дополнително, оваа раса е подложна на автоимуна болест позната како „шар пеј треска,“ која предизвикува висока температура, болки во зглобовите и кожни проблеми.

Плоснати раси (француски булдог, мопс, англиски булдог)
Овие раси, поради нивното плоснато лице, имаат проблеми со дишењето, рефлукс на киселина и се подложни на топлотен удар. Честопати овие кучиња бараат сложени медицински третмани за да можат да водат нормален живот, што може да предизвика големи финансиски трошоци и стрес за сопствениците.

Германски овчар
Оваа раса бара многу физичка активност и ментална стимулација за да функционира нормално. Ако не се обезбеди доволна грижа, може да дојде до појава на анксиозност и проблеми во однесувањето. Според Кроу, многу сопственици не успеваат да им обезбедат на овчарите стил на живот кој им е потребен.

Голема дога
Овие „нежни џинови“ се познати по склоноста кон срцево заболување наречено дилатирана кардиомиопатија (проширено срце). Имаат релативно краток животен век од околу седум до осум години, што е поврзано со нивната големина, што за многу сопственици може да биде емоционално тешко.

Јазовичар
Заради нивната специфична градба, со долгиот грб и кратките нозе, јазовичарите се подложни на сериозни проблеми со грбот, како што е дискус хернија. Исто така, можат да имаат проблеми со зглобовите и очите, што дополнително го комплицира нивното здравје.

Кроу нагласува дека овие кучиња, иако често имаат симпатична природа, страдаат поради начинот на одгледување и наследените здравствени проблеми, и тоа може да биде многу тешко за сопствениците да го гледаат.

подготви. А. Н.