Номофобија: Анксиозност во вашиот џеб

0
18

Номофобија (од англискиот термин „no mobile phone phobia“) е фобија или анксиозност која се појавува при недостиг на мобилен телефон или интернет конекција. Иако не е официјално призната како медицинска дијагноза, номофобијата за многумина е реален проблем. Дали некогаш сте се запрашале дали вашата потреба да бидете постојано поврзани со телефон е нормална или можеби покажувате знаци на номофобија?

Замислете сцена: седите во стерилна просторија, одговарате на прашања за своите навики со мобилниот телефон. Доколку ве нервира слабата интернет конекција на работа или постојано прашувате за „вај-фај“ шифра прво кога влегувате некаде, можеби страдате од оваа „фобија“. Луѓето кои одговараат со „Да“ на овие прашања често имаат симптоми на номофобија.

Номофобијата е многу повеќе од едноставна потреба за уредот. Станува збор за анксиозност кога нема интернет или сигнал. Истражувањата покажуваат дека над 25% од луѓето ширум светот имаат одреден степен на зависност од паметни телефони, а процентот е уште поголем кај младите. Според истражување на Pew Research Center, речиси 95% од тинејџерите имаат смартфон, а половина од нив се „постојано на телефон“, што е значителен пораст во споредба со претходните години.

Номофобијата можеби не е препознаена како ментално нарушување од Светската здравствена организација, но нејзиното влијание е сè поприсутно. Оваа појава влијае не само на навиките, туку и на менталната состојба. Многумина, кога немаат интернет, чувствуваат олеснување од постојаните известувања и потребата да се провери „што ново има“. Други, пак, чувствуваат анксиозност од самата помисла на губење на телефонот, бидејќи во него чуваат речиси сè за себе – од банкарски сметки до лични податоци.

Ако се препознавате во овие ситуации, постојат начини да ја намалите зависноста. Може да почнете со едноставни промени, како исклучување на известувањата или оставање на телефонот подалеку од креветот. Иако телефонот е значаен дел од модерниот живот, важно е да се запамети дека постои и свет надвор од екранот.

Номофобијата не е само уште една мода или бесмислен термин – таа е реален дел од нашето секојдневие и пример за тоа како технологијата може да влијае на нашата ментална состојба. Да, телефонот може да биде средство за комуникација и алатка за работа, но не треба да дозволиме да ни стане центар на нашиот живот.

С.Н.