Шах-мат дипломатија: Како Муцунски ја претвори дипломатијата во лична табла за игра

0
9

Пишува: Наташа Доковска

Во држава која веќе со години живее во парадоксот на неефикасни институции и уште понеефикасни лидери, Министерството за надворешни работи неодамна направи чекор што дополнително ја ослабна нашата ионака трошна дипломатска мрежа. Враќањето на осум амбасадори од нивните позиции е јасен показател дека дипломатијата кај нас не е национален приоритет, туку уште еден инструмент за внатрепартиски игри и лични пресметки.

Главниот шахист во оваа партија е Тимчо Муцунски, кој како министер, наместо да работи на градење на професионална и функционална дипломатија, одлучи да ја користи истата како приватна шаховска табла на која си игра шах-мат со амбасадорите, без никаква стратегија и без вистинска визија за иднината на надворешната политика.

За оние кои малку подлабоко ја следат политиката, ова не е никакво изненадување. Муцунски е личност која го наследи амбиентот на својот татко—човек кој, беше дипломат со кариера, не без забележителен успех. Сега, неговиот син, наместо да го исправи тој дипломатски наследен товар, реши да се одмаздува на системот, правејќи кадровски чистки кои повеќе личат на лични пресметки отколку на реформски потези.

Во ситуација кога Северна Македонија има минимално дипломатско влијание во регионот, а уште помалку во глобалната политика, ваквите потези се вистински доказ дека на нашите политички елити не им е важно каков углед имаме во светот. Додека земјите во регионот градат силни дипломатски позиции, ние ги повлекуваме амбасадорите без конкретна стратегија, без визија и без јасно дефинирани критериуми.

Вистината е дека надворешната политика одамна не е водена од стручни лица, туку од партиски послушници кои треба да бидат наградени со амбасадорски позиции. Ниту овој потег на Муцунски не е исклучок. Се работи за прочистување на оние што не му одговараат лично или на партиската врхушка. Се работи за обид да се постават “свои” луѓе, кои ќе бидат спремни да следат партиски наредби, наместо да ја бранат државната политика.

Македонија одамна ја изгуби својата дипломатска тежина. Ние не сме фактор ниту во регионот, а уште помалку во светот. Одлуките што ги носи актуелното Министерство за надворешни работи само го забрзуваат овој процес на маргинализација. Муцунски и неговите шах-мат маневри ја сведуваат дипломатијата на лична пресметка и потврдуваат дека кај нас, секоја промена е само нова шанса за партиска пазарна економија.

Во свет каде што дипломатијата се користи како алатка за напредок, за создавање нови можности и за градење стратешки партнерства, ние остануваме заглавени во внатрешнопартиски пресметки. Остануваме земја која троши години за да разбере дека амбасадор не се менува како фигура на шаховска табла, туку треба да се избира според компетенции, визија и способност да ја брани државата.

Но, додека шахистот во МНР продолжува со своите игри, државата останува без амбасадори, без стратешки партнери и без иднина во меѓународната политика. Нема шах-мат што може да го реши овој пораз.