Пишува: Наташа Доковска
Кога една министеркa за финансии во 21-от век решава да дискредитира пратеничка со аргумент дека таа нема право да зборува за економијата бидејќи не е мажена и нема деца, тоа не е само личен напад – тоа е огледало на длабоката мизогинија што ја труе јавната сцена.
Овој напад не е случаен лапсус, туку системски проблем. Тој ја открива застарената, патријархална перцепција според која жените се вреднуваат исклучиво преку нивната улога во семејството. Значи ли тоа дека жените што не се мајки немаат економски проблеми? Дека не плаќаат даноци, не купуваат храна, не плаќаат струја, не живеат во реалноста на финансиската криза? Според министерката, изгледа дека единствените луѓе што имаат легитимитет да зборуваат за економијата се мајките – или подобро кажано, само оние што ја исполнуваат нејзината лична дефиниција за вредна жена.
Но, дали токму ваквиот пристап не е она што ја донесе економијата во оваа состојба? Наместо да одговара за инфлацијата, за поскапувањето на основните производи, за задолжувањето, министерката си зема за право да ги мери жените според нивниот брачен статус. Ова е класичен метод на дефокусирање – нападни ја личноста за да избегнеш одговорност.
Најголемиот парадокс е што оваа изјава не доаѓа од некој случаен минувач, туку од министерка – жена која, барем на хартија, треба да биде пример за другите жени во општеството. Но што ни покажува? Дека жените, дури и кога ќе се искачат на позиција на моќ, можат да ја продолжат истата шовинистичка реторика што со децении ги држела жените потценети, понижени и невидливи.
Затоа ова не е само навреда кон пратеничката – ова е навреда кон сите жени што не се вклопуваат во патријархалните калапи. Ова е обид за замолчување на жените што сакаат да зборуваат за политика, економија, социјална правда – теми што, според ваквите политичари, не се нивни.
Но, токму овие жени треба најгласно да зборуваат. Не само затоа што имаат право, туку затоа што министерки како оваа сакаат да ги замолчат.
